| |

Дали сте подготвени за Пелистер

Во Информативниот центар на Националниот парк Пелистер, во рамки на проектот „Дали сте подготвени за Пелистер“, денеска Фондацијата Преда плус одржа конференција со фокус на концептот за паметни села. На настанот беа истакнати иновативните пристапи кон руралниот развој преку технологијата и одржливоста, прикажувајќи ги колективните напори на Фондацијата Преда плус и конзорциумот од партнери вклучувајќи ги Општина Битола, Универзитетот „Св.Климент Охридски“, Техника Пелистер и Ротари клуб Битола.

Конференцијата ја отвори градоначалникот на општина Битола, кој нагласи дека преку поврзување на стручноста, креативноста и ентузијазмот може да се придонесе за значајно подобрување на условите во различни средини.

„Таква беше соработката на општина Битола со ПРЕДА Плус Фондацијата во Проектот „Баир“, а така продолжуваме да соработуваме и во Проектот „Дали сте подготвени за Пелистер“?, кој e кофинансиран од Општина Битола, а се спроведува во рамки на Регионалната програма за локална демократија во Западен Балкан 2 – ReLOaD2, која е финансирана од Европската унија (ЕУ), а ја имплементира Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП).

Посебно значајно за нас е што овој проект кој ни ги доближува Пелистерските убавини, низ еден визуелен приказ ја поттикнува љубовта кон природата, посебно кај помладите генерации, откривајќи го непознатото, но и ставајќи посебен акцент на можностите кои ги нуди Пелистер.

Ваквиот пристап многу јасно се вклопува во заложбата на локалната самоуправа за туристичка промоција на Битола, но и зајакнување и подобрување на туристичките можности на Пелистер. Во оваа насока ќе потсетам дека овозможивме и поддршка за изградба на авантуристички парк на „Пелистер“, ја поддржуваме реконструкција на Планинарскиот дом „Копанки“, а работиме и на создавање културни настани кои постепено стануваат туристичка атракција за многу посетители.

Денешната конференција која во фокусот ги има руралните средини и нивното промовирање и функционалност преку иновативен пристап, претставува нов модел кој верувам дека ќе поттикне на позитивни промени кои ќе донесат зајакнување на руралните заедници, преку обезбедување на еднакви можности за развој и напредок.

Паметните села, се вистински предизвик на иднината, затоа што во основа на нивната концепција, всушност е поврзувањето на дигиталните услуги, модерната технологија, земјоделските иновации, бизнис секторот, граѓаните и нивните потреби.

Ова е навистина значаен предизвик, за кој можеби е потребно повеќе време за доволно да заживее, но во услови кога сме опкружени со вакви ентузијасти и експерти, сигурен сум дека сите важни процеси можат да се имплементираат брзо и успешно.

Верувам дека, на денешната конференција ќе слушнеме многу значајни ставови и мислења, конкретни предлози и иницијативи, кои дополнително ќе ја развијат идејата за „паметни села“ на нашата територија и ќе придонесат истовремено за рурален развој, но и туристичка промоција“, изјави градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски.

На конференцијата се говореше на следните теми: „Виталната улога на инфраструктурата во успехот на паметното село“, „Пелистер-Дисперзиран музеј на природата“, „Дигитални решенија за паметни села“ и „Паметна мобилност“.

Слични Објави