На 56-та седница – одлучено, субвенции за граѓаните за набавка на инвертери до 10 000 денари
На самиот почеток на седницата, советниците дискутираа и со мнозинство гласови ги усвоија предлог-одлуките за измена и дополнување на одлуката за извршување на Буџетот на Општина Прилеп, измена на распоредот на буџетските средства, како и кварталниот извештај за извршување на Буџетот за четвртиот квартал. Дополнително, беше усвоена и предлог-одлуката за проширување на средствата на Буџетот за 2025 година.
Една од значајните одлуки беше и определувањето на максимален износ од 10.000 денари за доделување на поединечна субвенција за граѓаните на Општина Прилеп за набавка на грејни тела со инвертор во 2025 година, што има за цел подобрување на енергетската ефикасност и намалување на аерозагадувањето.
Советниците едногласно го поддржаа предлогот за воспоставување на меѓуопштинска соработка меѓу повеќе општини, вклучувајќи ги Новаци, Прилеп, Битола, Крушево, Долнени, Могила, Кривогаштани, Демир Хисар, Ресен, Охрид, Струга, Кичево, Дебар, Пласница, Центар Жупа, Вевчани, Дебарца и Македонски Брод. Оваа соработка е во функција на отворање на Регионалната депонија во Новаци. Во рамките на овој процес беа именувани и членовите на заедничката комисија за подготовка на предлог-акти за формализирање на соработката.
На седницата беше дадена согласност за измена и дополнување на годишниот план за вработување за 2025 година на Општина Прилеп и основното училиште „Климент Охридски“. Советниците го одобрија и финансискиот план за 2025 година на Градската библиотека „Борка Талески“ и на средното училиште „Ѓорче Петров“ – Прилеп.
Воедно, беше усвоена одлуката за утврдување на вредноста на бодот за пресметка на платите во ЈОУ Дом за стари лица „Киро Крстески-Платник“ – Прилеп, како и одлуката за отпис на расипани и неупотребливи компјутерски системи во основното училиште „Блаже Конески“.
Едногласно беше прифатена и одлуката за хуманитарни паркинг места на Јавното претпријатие за просторно и урбанистичко планирање (ЈП ПУП) – Прилеп. Собраните средства од овие паркинг простори ќе бидат наменети за хуманитарни цели.
На крајот на седницата, советниците усвоија неколку предлог-одлуки за донесување урбанистички проетки со план за парцелизација за ГП од ДУП на Општина Прилеп и одлуки за урбанистичко планска документација со која ќе се изврши проширување на планскиот опфат и вклопување на бесправно изградени објекти, по барање на физички лица.
Видео – Линк од седница која се пренесува во живо. https://www.youtube.com/watch?v=4AYorcgutPI