Владата ќе интервенира доколку трговците не ги намалат цените на основните производи
Владата ќе интервенира доколку трговците не ги намалат цените на основните производи, најави премиерот Христијан Мицкоски. Тој не ја исклучува можноста од воведување на интервентни мерки, кои би можеле да бидат донесени на следната владина седница во вторник. Тогаш, Министерството за економија и Државниот пазарен инспекторат ќе го презентираат шестмесечниот извештај за цените и маржите.
Според премиерот, анализите ќе покажат какви маржи применуваат трговците, дистрибутерите и производителите во големите маркети, како и ценовните политики во аптеките и продавниците за бела техника.
Не може некои производи во соседните земји да бидат два-три пати поевтини одколку кај нас, а да се работи за ист производ од ист производител и со иста царинска стапка. Доколку гледаме дека едната страна не го почитува договорот, тогаш мора да интервенираме – изјави Мицкоски.
Тој додаде дека Владата не сака да води политика на интервенционизам, туку преку дијалог да најде соодветно решение. Според него, обидите за договор пред Нова година не дале резултат, што довело до нарушување на довербата помеѓу Владата и трговците.
Револтот на граѓаните поради високите цени на храната се манифестираше преку двократен бојкот на маркетите, кога во два последователни петока одбија да пазаруваат. Според податоците на Управата за јавни приходи (УЈП), прометот во осумте најголеми маркети при првиот бојкот паднал за 47%, а при вториот за 22%.
Сепак, и покрај намалениот промет, цените во големите маркети останаа непроменети. Министерот за економија најави можност за замрзнување на цените, поради тоа што одредени субјекти се обидувале шпекулативно да остварат огромни профити на грбот на граѓаните.
Ако не се почитува тоа од страна на системот, а тој започнува од производители, дистрибутери и ланци, тогаш како Влада ќе треба да преземеме дефанзивни мерки за да го контролираме тоа, таму каде што е потребно – истакна Мицкоски.
Според надлежните, ваквото однесување е неприфатливо, па Владата ќе преземе конкретни мерки со цел да дојде до намалување на цените и заштита на животниот стандард на граѓаните.