МВР: Брза реакција на полицијата спаси четири лица од езерото

Министерството за внатрешни работи информира дека полициски службеници од Полициската станица за граничен надзор „Охридско езеро“ синоќа спровеле успешна спасувачка акција во која биле извлечени четири лица од пловен објект во водите на Охридското Езеро.

На 28.06.2025 во 19.30 часот, во Полициската станица за граничен надзор „Охридско езеро“, пријавено е дека лица од пловен објект кој бил во водите на Охридското езеро, на околу 2.5 километри од езерскиот брег наспроти авто кампот „Извиднички“, бараат помош.

Полициски службеници со службен глисер веднаш се упатиле кон посочената локација, каде се забележани четири лица на едрилица кои барале помош. Преземени се неопходните мерки и лицата се безбедно пренесени во полициската станица кај каналот „Студенчишта“.

Безбедно е извлечена и едрилицата на која, поради лошите временски услови со силен ветар и бранови, дошло до кршење на крмениот лист, по што, лицето кое ја управувало едрилицата, изгубило контрола врз пловниот објект.

Слични Објави