ППК „Младост 96“ со максимален учинок викендов
И овој викенд клубот Младост 96 оствари одлични резултати и забележа победи во сите категории во кои настапуваше.
Во петокот на домашен терен први настапија девојките на Младост 96, кои го пречекаа тимот на Пелагонија од Битола. Со убедлива победа од 4:0, тие ја забележаа својата шеста победа сезонава и останаа на врвот на табелата. Шампионската титула ќе се решава во последното коло, кога Младост 96 ќе се соочи со екипата на Шампиони ФА.
Во саботата настапи втората екипа на Младост 96 во рамките на Втората лига, која во Кочани оствари две убедливи победи против двете кочански екипи. Прво беше совладана екипата на Хепи со 4:2, а потоа следеше и победа над Кочани со 4:1. Со овие две победи, Младост 96 – втора екипа е на чекор до промоција и со голема веројатност ќе се круниса како првак во лигата, што би значело и настап во Првата лига од следната сезона.
Во неделата, пак, на сцена беше сениорската екипа на Младост 96, која во рамките на Супер лигата оствари уште две убедливи победи. Најпрво беше совладан тимот на Вардар со 4:1, а потоа следеше сигурна победа и против 1060 АС Ѓорче Петров со 4:0.
На овие натпревари настапи и вториот странски играч во редовите на клубот, Бугаринот Георги Стојанов, кој со своето присуство дополнително го засили составот на Младост 96.
Плеј оффот е обезбеден,и се очекува повторно финале со Крива Паланка.
Со вакви резултати клубот продолжува со успешната сезона и потврдува дека е еден од најорганизираните и најуспешни клубови во домашното натпреварување.


