Откриен антички град кај село Црнобуки, можеби е изгубениот антички македонски град Линк
Археолози од Битола и Калифорнија откриваат остатци од антички град близу селото Црнобуки, битолско, кој можеби бил престолнина на кралството Линкестида, старото македонско кралство. Наодите фрлаат ново светло на историјата на регионот и откриваат длабоки врски со познатите историски личности, како Евридика, бабата на Александар Велики.
-Линкестис било мало кралство кое цветало во Северна Македонија, кое било инкорпорирано во Македонската империја за време на владеењето на кралот Филип II (359 до 336 п.н.е.). Евридика I Македонка, мајката на Филип II и баба на Александар (кој владеел од 336 до 323 п.н.е.), веројатно е родена во Линкус, според историските записи.
Пронајдените артефакти, вклучувајќи монети од времето на Александар Велики, камени секири, керамика и глинени карти, потврдуваат дека градот бил значаен урбан центар кој датира од бронзеното доба, околу 3300–1200 п.н.е. Новите истражувања покажуваат дека локалитетот не бил само воена станица, како што се сметало досега, туку целосно развиена населба со развиени трговски и политички мрежи.
Истражувачкиот тим од Националниот завод и музеј-Битола и Универзитетот Кал Поли Хумболт користел напредни технологии како Лидар скенирање за да открие скриени структури под земја. Ова скенирање открило целосен град, што ја менува хронологијата на постоењето на локалитетот. Професор Ник Ангелоф од Калифорнија верува дека градот може да биде изгубената престолнина на Линкус, која била родното место на кралицата Евридика I, бабата на Александар Македонски.
„Ова е откритие кое се случува еднаш во животот,“ вели Ангелоф. „Градот бил на клучен трговски пат, што значи дека имал голема улога во врските помеѓу различните цивилизации на античкиот свет. Тоа може да значи дека познатите историски личности како Октавијан и Агрипа, кои воделе битка против Клеопатра, поминале низ оваа област.“
Откритијата се од особена важност за разбирањето на културните и политичките врски на Македонија во доцниот антички период. Линкестида, која опфаќала области околу реката Еригон и Пелагонија, била дом на народот Линкести, а Филип II Македонски ја освоил Линкус во 4 век п.н.е., додавајќи ја во Кралството Македонија.
„Секое откритие додава ново камче во мозаикот на историјата,“ велат археолозите кои работат на овај проект. „Ова истражување е дел од поголемиот мозаик на европските цивилизации и ќе ни помогне да разбереме како се поврзувале различни култури.“
Во следните години се очекуваат нови ископувања, кои можеби ќе откријат уште повеќе детали за животот во овој изгубен антички град. Се чини дека откритието на Градиште, со неговите неверојатни наоди, ќе биде клучно за разбирањето на развојот на античка Македонија и нејзините влијанија на околните цивилизации.
Со продолжувањето на истражувањата, археолозите и историчарите се надеваат дека ќе ја откријат целосната слика за животот во Линкестида и нејзините влијанија врз формирањето на македонската империја.