Младите иноватори од „The NOOBS“ ќе ја претставуваат Македонија на светското првенство во САД

Победничкиот тим на Седмиот национален натпревар „First Lego League Challenge“, тимот „The NOOBS – New Original Operational Best Students“, беше пречекан од претседателката на Република Северна Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова. Тимот, составен од девет млади иноватори – Петар Копачев, Синиша Шиповиќ, Бодан Николов, Тео Ваљак Трпчевски, Ноа Петковски, Бисера Стојановска, Ален Атанасов, Иван Скалов и Ведран Анастасовски, ја освои победата и обезбеди пласман на светското првенство во САД, што ќе се одржи од 24 до 28 јуни 2025 година на „Florida Sunshine Invitational“.

Во придружба на победниците беа и нивните ментори Васка Мадиќ и Гордан Анастасов, претставници на Академијата за роботика и иновации. Претседателката им ја честиташе оваа голема победа и изрази особено задоволство од нивниот успех, нагласувајќи дека овој натпревар претставува вистински доказ за нивниот труд, посветеност и тимска работа.

„Вашиот успех е плод на љубовта за науката и технологијата. Кога работите со љубов, посветеност и труд, успехот е неизбежен. Овој натпревар е заштитен од УНЕСКО и носи посебна тежина, а вашата иновација е пример за тоа“, изјави претседателката Сиљановска-Давкова.

Тимот ги презентираше своите иновативни решенија – мултифункционален робот за чистење океани и помагање на китови, како и подморница од титаниум која ќе им помогне на истражувачите во проучувањето на океаните. Тие го објаснија функционирањето на овие изуми со голем ентузијазам и страст, што го импресионирало присутните.

Менторите од Академијата за роботика и иновации истакнаа дека при оценувањето на тимовите биле земени предвид не само техничките способности, туку и нивната способност за соработка и тимска работа, кои играат клучна улога во успехот на проектот.

Претседателката Сиљановска-Давкова ја истакна важноста на вложувањето во талентираните деца, нагласувајќи дека најдобрата инвестиција е во образованието и науката. Таа додаде дека STEM областите претставуваат огромна можност за младите да ги покажат своите способности и да создадат иновации кои ќе го обликуваат светот на иднината.

Слични Објави