Новогодишната кошничка со 800 производи со попуст од 10%

Заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески, соопшти дека бројот на производи што ќе бидат дел од новогодишната кошничка продолжува да расте, и се очекува да надмине 800 производи. Според него, досега се вклучени 713 производи, а сите ќе бидат понудени со попуст од 10%.

„Оваа новогодишна кошничка е поразлична од претходните, бидејќи е создадена во соработка со бизнис секторот, а вклучува производители, увозници, дистрибутери и трговци. Интересот за учество е голем, а бројот на вклучени компании постојано расте. Во моментов, учествуваат 63 компании и бројот на производи продолжува да се зголемува“, изјави Ристески.

Мерката за новогодишната кошничка ќе започне на 15 декември и ќе трае до 15 јануари. Во периодот на важност, потрошувачите ќе можат да најдат производи кои се неопходни за празниците, а на секој производ ќе биде истакната ознака „Помалку трошоци, повеќе за тебе“, која ќе укажува на попустот. Оваа ознака ќе покажува и претходната цена, како и цената по намалувањето.

Граѓаните изразуваат сомнеж дека трговците можеби манипулираат со цените, но Ристески ги увери дека пазарната инспекција ќе врши строг мониторинг на примената на мерката. Според Законот за заштита на потрошувачите, при акции и попусти, цената ќе треба да биде најниската од претходниот месец (15 ноември до 15 декември), а попустот ќе биде минимум 10%.

„Инспекцијата ќе биде на терен и ќе го следи спроведувањето на мерката во маркетите, за да се осигура дека сите правила се почитуваат“, додаде Ристески.

Слични Објави