Михалис Рокас во посета на Прилеп – Европските вредности да станат видлив развој
Денес во Општина Прилеп, се одржа средба меѓу градоначалникот Дејан Проданоски и амбасадорот на Европската Унија во земјава, Михалис Рокас, кој беше во официјална посета на општината.
Европските вредности и фондови мора да се преточат во конкретен и видлив развој – ова беше пораката од средбата меѓу градоначалникот на Прилеп и амбасадорот на Европската Унија во земјава, Михалис Рокас, кој денес беше во официјална посета на општината.
Во фокусот на разговорите беа европските вредности и можностите европските фондови да се преточат во конкретен и видлив развој за граѓаните. Се дискутираше за придобивките од евроинтегративниот процес, како и за влијанието на европската поддршка врз секојдневниот живот во Прилеп и регионот.
Посебен акцент беше ставен на продлабочувањето на соработката во областа на локалниот економски развој, инфраструктурните проекти и зајакнувањето на институционалните капацитети. Градоначалникот го запозна амбасадорот со природните и културните потенцијали на општината, плодните земјоделски површини и можностите за користење на европските фондови за поддршка на земјоделството и прекуграничната соработка.
На средбата беше истакнато и дека Прилеп е меѓу водечките општини во државата во селектирањето отпад, со континуирани активности за унапредување на системот за управување со отпад. Потврда за тоа е признанието „Најзелена општина“, доделено во 2022 година во рамки на кампањата на Делегацијата на Европската Унија за промоција на Европскиот зелен договор.
Од Општина Прилеп порачаа дека ќе продолжат со активна соработка со Европската Унија, преку аплицирање и искористување на европската поддршка во образованието, културата, туризмот, инфраструктурата и економскиот развој, со цел подобрување на квалитетот на живот на граѓаните.



