| |

Божиќна прослава – Деца од сите категории на заеднички ручек

Детската амбасада „За сите деца во светот“ го организира 19-тиот традиционален Божикен Ручек во Прилеп

По 19-ти пат, традиционално, во организација на Детската Амбасада „За сите деца во светот“, 400 деца се собраа на свечениот Божикен Ручек во хотел „Салида“ во Прилеп, каде што заедно го славеа Христовото раѓање. Овој значаен настан има за цел да обедини деца од сите краеви на Македонија и да промовира вредности како еднаквост, љубов и мир помеѓу децата.

Со оваа прослава, на која учествуваат деца од различни верски, етнички и социјални групи, се испраќа силна порака за заедништво и хуманост.

„Целта на овој настан е да се даде на знаење дека децата се едно, децата се само деца“. Децата од различни целни групи, вклучувајќи ги и оние без родители, деца со пречки во развојот, деца болни од церебрална парализа и деца на загинатите бранители, имаат можност да се дружат и да се социјализираат, далеку од разликите во социјалниот статус или економските услови.

– Вредностите кои се промовираат со самиот настан се еднаквоста и љубовта и мирот помеѓу децата, дека сите деца се исти и еднакви во остварувањето на нивните права, односно дека ништо не е позначајно од среќата на детското лице, па затоа на оваа Божиќна трпеза заедно се дружат деца од другите верски заедници, од исламската, католичката, еврејската и евангелско-методистичката, кои заедно се дружеа и празнуваа – велат организаторите од Детската амбасада.

Како дел од настанот, Детската амбасада додели највисоко признание за општествена одговорност „Орден за носител на мирот“. Дополнително, беа доделени и плакети за „Пријател на децата“ како признание за сите оние кои активно работат на добробит на најмладите.

„Особено сум горд што општина Прилеп и оваа година активно се вклучи во поддршката на овој настан, обезбедувајќи новогодишни пакетчиња за сите 400 деца присутни денес. Нашата поддршка нема да застане тука – продолжуваме да се грижиме за сите деца преку низа активности кои ќе следат низ годината. Божик е празник на љубовта, милосрдието и заедништвото. Тој не учи дека заедно можеме да направиме многу за оние на кои помошта им е најпотребна. Нека овој ден биде потсетник дека сите сме еднакви, а љубовта и хуманоста се најголемите дарови кои можеме да ги подариме. Мир, спокој и детска насмевка – тоа е она што го посакуваме за сите деца. Да растат безгрижно во своите семејства,“ изјави градоначалникот на Прилеп, Борче Јовчески.

Традиционалниот Божиќен ручек се одржа под мотото „Едно небо за сите деца“, нагласувајќи ја важноста на заедништвото и љубовта меѓу најмладите. Настанот е симбол на надеж и поддршка за сите деца, без разлика на нивната животна ситуација.

Детската амбасада продолжува со својата важна мисија да ги обединува децата и да промовира хуманост и љубов, кои треба да бидат темел на нашето општество.

Слични Објави