Масовна измама во Пелагонија: 27 земјоделци оштетени за над 140.000 евра
Основното јавно обвинителство Битола отвори предистражна постапка за сериозна измама поврзана со откуп на жито, во која се оштетени 27 лица – 25 земјоделци и две транспортни фирми – од Пелагонискиот регион. Според информациите на МВР, вкупната сума на противправна имотна корист изнесува 141.650 евра.
Осомничени се две физички и две правни лица, меѓу кои:
Д.Н. (30) од село Долно Оризари – управител на двете фирми,
П.Н. (57) од село Путурус – сопственик на истите фирми.
Во текот на 2023 и 2024 година, тие со лажни ветувања ги убедувале земјоделците да ја предадат жетвата со гаранција дека исплатата ќе се изврши во договорен рок.
Меѓутоа, откако производите биле испорачани, исплатата никогаш не се реализирала. Според кривичната пријава поднесена од СВР Битола, осомничените намерно довеле во заблуда голем број луѓе со цел да стекнат незаконска финансиска добивка.
„Постапката е во почетна фаза, и се преземаат сите потребни дејствија за обезбедување докази“, информираат од МВР.



