„Срце за цел живот“ – дружење, движење и знаење во знакот на Светскиот ден на срцето
Корисниците на Центарот за дневен престој на стари лица со активно стареење денес беа гости во СОУ „Ѓорче Петров“ – Прилеп, каде што заедно со учениците го одбележаа Светскиот ден на срцето.
Под мотото „Срце за цел живот! Чувај го своето срце!“, денот беше исполнет со едукативни и спортски активности, преку кои учесниците имаа можност да научат повеќе за значењето на здравите животни навики, физичката активност и грижата за кардиоваскуларното здравје.
Учениците од СОУ „Ѓорче Петров“ подготвија пригодна програма со која го збогатија настанот и придонесоа денот да помине во знакот на движењето, знаењето, дружењето и позитивната енергија.
Посебна вредност на оваа средба има и меѓугенерациското дружење, кое овозможува размена на искуства, знаења и позитивни пораки меѓу младите и повозрасните. Заедничките активности се можност за создавање нови пријателства, поттикнување на активниот начин на живот и градење здрави навики.
Одбележувањето на Светскиот ден на срцето уште еднаш испрати важна порака – грижата за срцето е грижа за животот, а активното стареење, физичката активност и дружењето се важен дел од квалитетниот и исполнет живот.
Со ваквите иницијативи се потврдува дека здравјето, позитивната енергија и доброто расположение немаат генерациски граници, а најубавите моменти се создаваат кога знаењето, движењето и дружењето се споделуваат заедно.


