Локалната власт и граѓаните – Кој носи одлуки и зошто треба да се информираме?
Во месеците што следат, Македонија ќе влезе во нов изборен круг – локалните избори. Ќе бираме градоначалници и советници – луѓето кои во следните четири години ќе одлучуваат за квалитетот на патиштата, училиштата, парковите, водоснабдувањето, јавната чистота и уште десетици услуги без кои животот во нашата заедница би бил незамислив.
Многумина гледаат на локалните избори како на „помалку важни“ од парламентарните, но реалноста е спротивна: одлуките на локално ниво најдиректно и најбрзо се чувствуваат во секојдневието. Општината не е само зграда со шалтери и печати. Таа е срцето на локалната демократија, институцијата која секојдневно – често незабележливо – влијае на нашите животи.
Улицата по која одите на работа, водата што тече од чешмата, училиштето каде што учи вашето дете, чистотата на паркот каде што шетате – сето тоа, на некој начин, поминува низ рацете на локалната самоуправа.
Законот за локална самоуправа јасно ја дели оваа одговорност:
- изградба и одржување на локални патишта и улици
- водоснабдување и канализација
- собирање и управување со отпад
- управување со училиштата и детските градинки
- култура, спорт и младински активности
- локален економски развој и помош за бизнисите
- социјална заштита за ранливите категории
Овие задачи често се перцепираат како даденост, но зад нив стои сложена мрежа на планови, буџети и одлуки. Зошто е важно учеството, интересот за локланите политики за нас граѓаните. Кој ги носи одлуките и ја крои политиката со надлежностите кои му се дадени со закон?
Советот на општината е законодавниот орган на локалната власт – мини „парламент“ избран од жителите.
Кој го усвојува буџетот и планот за развој на општината, донесува одлуки за локалните даноци, такси и комунални надоместоци, одлучува за урбанистички планови и намена на земјиштето, формира јавни претпријатија и ги надгледува нивните извештаи, ги следи и контролира работата на градоначалникот и администрацијата, расправа и одлучува за сите прашања од локално значење.
Во рамките на Советот постојат комисии – мали работни тела кои ги разгледуваат предлозите пред тие да дојдат на гласање. Најчести се: Комисија за урбанизам, комунални дејности и сообраќај, Комисија за финансии и буџет, Комисија за образование, култура, спорт и млади, Комисија за социјална политика и здравство, Статутарно-правна комисија…
Овие комисии се „филтерот“ низ кој минуваат сите одлуки – местото каде што се прават измени, дополнувања или се блокираат лоши предлози.
Градоначалникот е извршната фигура на општината и ја предводи локалната администрација. Неговите клучни надлежности се:
- спроведување на одлуките на Советот
- управување со буџетот и потпишување договори
- раководење со јавните претпријатија и установи
- предлагање на урбанистички планови, програми и проекти
- грижа за јавниот ред, безбедноста и заштитата од пожари и природни непогоди
- застапување на општината пред државните институции и меѓународни организации
Иако има голема моќ во извршувањето, градоначалникот е должен да работи во рамките на одлуките донесени од Советот – барем според законот. На дело, квалитетната соработка меѓу овие две институции е клучна за функционална локална власт.
Кога гласаме, не избираме само „личности“ или „партии“ – избираме тим кој ќе работи за нас. Лошо избран Совет може да блокира добри проекти или да одобри штетни одлуки. Пасивен градоначалник може да остави на хартија дури и најдобрите планови.
Локалните избори се можност да избереме луѓе кои навистина ќе ја приближат општината до граѓаните – преку транспарентност, отчетност и редовен дијалог. Но таа можност вреди само ако прво ние, граѓаните, решиме да се заинтересираме.
Локалната власт – моќ блиску до нас, интерес далеку од нас. За неколку месеци, земјава ќе избира нови градоначалници и советници. Тоа се луѓето кои ќе раководат со општините во следните четири години. Но на улица, ретко кој може да објасни што точно прават тие. Во анкета спроведена од тимот на ОТВ, каде им беа поделени и едукативни материјали на граѓаните со надлежностите на општинските тела и структури, дел од изјавите на интервјуираните.
„Не знам ни кој е во Советот“ Марија (35), мајка на две деца, признава дека гласа, но ретко се интересира за локалните политики:
„Искрено, немам време. Знам кој е градоначалник, ама за Советот – немам поим. А тие изгледа одлучуваат за училишта, паркови, игралишта… Сега кога ми кажувате, сфаќам дека требала да се информирам.“
„Јас мислам дека повеќето граѓани не ни знаат дека општината е одговорна за толку работи,“ вели Александар (45), кој работи во ИТ сектор. „Сите се жалиме на дупки по улиците, ама ретко кој оди на јавна расправа или испраќа предлог до Советот. А тоа е директен начин да влијаеш.“
Оваа апатија е главна причина зошто локалните избори често минуваат со мал одзив и без голема јавна дебата.
Зошто изборите сега се клучни? Со претстојните избори, граѓаните имаат шанса да изберат тим кој ќе ја направи општината потранспарентна, поефикасна и поблиска до луѓето. Но за тоа да се случи, потребно е: едукација за работата на општината, информираност и интерес.
Ако не знаеме кој ги носи одлуките, нема како да ги држиме одговорни. Можеби е време малку да се замислиме. Ако чекаме само некој друг да среди, ништо нема да се смени.



