|

Концерт по повод – Денови на Крали Марко

 16 мај · НУЦК Марко Цепенков – 19:30 часот

Во рамки на манифестацијата Денови на Крали Марко, ве покануваме на концертниот проект „Гласови под Кулите“ кој го спојува древното и современото, македонското и медитеранското, балканското и западноевропското. Концертот, кој е во организација на Општина Прилеп, а реализиран во соработка со НУЦК Марко Цепенков – Прилеп, ќе ве поведе на патување низ вековите и планините – од изворни гласови и митски јунаци, преку сенки од Шар Планина, до спомени од детството и народните приказни и еха од европскиот среден век – во потрага по заедничките елементи што ги носи европското музичко минато и она што е древно во фолклорот. Навидум концерт полн со спротивности и неспоиви песни и инструменти, но токму тие создаваат парадоксално, а логично, еден свој свет и своја естетика.

Програмата ќе биде полна со изведби на традиционални македонски песни, чалгиски интерпретации, но и нови инспирации од европскиот и балканскиот музички фолклор. Од „Гласот ми се чуе горе в планината“ и „Крали Марко и Митре Тирочанче“, „Зајде сонце, зајде“, до „Douce Dame Jolie“ „Pourquoi, doux rossignol” и „Узви се лоза алова“ – концертот ќе ги обедини сите тие елементи во еден уникатен музички концепт. Болката, разочарувањето и жртвите на јунаците кои се борат со својата судбина, песните за борба и храброст, преку контрадикторните моменти на одлуки и жртви што ги носат, ќе бидат само дел од патувањето низ нашите музички корени. Машките и женските гласови во мистичен разговор со лирата, дудукот, дефот, загадочното одѕвонување на сантурот и космичноста на клавијатурите, се слушаат низ камените ѕидини и духот на старата Варош, носејќи бранови од минатото и емоција која допира до најдлабоките основи на нашето постоење и сеќавање, додека ги поврзува епохите и просторот, можеби поврзувајќи ги нашите исконски звуци со трупите на некои патувачки музичари и минатото со сегашноста и иднината.

Ана Митоска (вокал, сантур),
Петар Христов (цариградска лира, вокал, ут, лаута, дудук, сопран саксафон, блокфлејта…),
Зоран Беговски (кавал, деф, вокал),
и Симон Облешевски (клавијатури),
ќе оживеат легенди и звуци што се носат од далеку – и остануваат длабоко во нас.

Од чалгиски интерпретации и гласоечки исони, преку изведби на традиционални македонски песни со осовременети аранжмани, до средновековна поезија и инструментали што ги премостуваат временските и географските граници – овој концерт е искуство што не се слуша секој ден.

Програмата е жив организам од музички реликвии, автентични интерпретации и нова инспирација што ги комбинира сите тие елементи и различни периоди на еден уникатен начин.

Прилеп дише со своите корени. А Кулите одекнуваат.

Слични Објави