„Јас, ти и Музејот“ – 70 години културна меморија низ ученички перформанси
Во петок, на 16 мај 2025 година, со почеток во 12:00 часот, во просториите на НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Прилеп ќе се одржи манифестацијата „Музеј, Училишта, Сеќавања“, со проекција на ученички перформанси и доделување на плакети за учество во проектот „Училиштата во музеите или музејот во училиштата“.
Настанот се организира во рамките на одбележувањето на 70-годишнината од постоењето на оваа значајна културна установа, под слоганот „Јас, ти и Музејот“, како симбол на поврзаноста помеѓу институциите, учениците и културното наследство.
Проектот, кој веќе 15 години го реализира Одделението за социјална и духовна култура при Музејот, во соработка со основните и средните училишта од Прилеп и Долнени, е пример за континуирана едукација и културна интеграција. Во рамки на активностите се создадени над 100 ученички перформанси – драмски, рецитаторски и уметнички, преку кои младите генерации ја оживуваат и пренесуваат богатата традиција и духовно наследство на Македонија.
Во проектот досега се вклучиле над 500 ученици и 47 наставници, а се реализирал со поддршка од новинари, камермани, режисери, монтажери и други креативни професионалци, кои заеднички работеа на зачувување на културното наследство.
Кулминација на настанот ќе биде проекцијата на изработените перформанси и свеченото доделување плакети за учество на наставниците и училиштата кои дале свој вреден придонес во рамките на проектот.
Овој настан претставува уште еден доказ дека музејот не е само простор за изложби, туку жив, едукативен и инспиративен центар каде што минатото станува дел од сегашноста преку ангажманот на најмладите.



