Каснато осумгодишно дете од улично куче во центарот на Битола –
Осумгодишно дете вчера попладне беше нападнато од улично куче во близина на угостителски објект на Плоштадот Магнолија во Битола. Детето се здобило со повреда на челото, по што веднаш било пренесено во Клиничката болница во Битола, каде му е пружена медицинска помош во Одделението за максилофацијална хирургија.
Повредата е успешно санирана, а детето е пуштено на домашно лекување со препишана терапија и лекарски препораки. Од општината информираат дека градоначалникот Тони Коњановски стапил во контакт со родителите, кои потврдиле дека детето се чувствува добро, иако по нападот се јавила траума и страв, и покрај тоа што детето инаку ги сака кучињата.
Настанот предизвика бурна реакција во јавноста, а Општина Битола испрати официјално соопштение со кое изразува длабоко жалење и најавува конкретни чекори за справување со проблемот со бездомните кучиња.
„Инцидентот уште еднаш ја потенцира потребата од системско и долгорочно решение. Решавањето на овој проблем е можно само со организиран пристап, вклученост на сите институции и активна работа на прифатилиштето ‘Хачико’“, стои во соопштението.
Прифатилиштето „Хачико“, кое започна со работа во октомври 2024 година, е еден од клучните механизми за хуман третман и згрижување на бездомните животни. Општината истакнува дека неговото функционирање мора да биде поддржано, а не дискредитирано, како што, според нив, се случувало во изминатите денови од страна на одредени субјекти.
Во координација со ЈП „Комуналец“, се преземаат активности за згрижување на кучињата, нивна стерилизација, вакцинација, чипирање и вдомување. Локалната самоуправа апелира до сите граѓани и институции за координирано делување, со цел да се обезбеди безбедна и хумана средина за сите жители на Битола.