НОВО ФУДБАЛСКО ИГРАЛИШТЕ ВО ПРИЛЕПСКАТА ГИМНАЗИЈА ПО ФИФА СТАНДАРДИ
Учениците од гимназијата „Мирче Ацев“ од денес ќе имаат можност да спортуваат на модерно реконструирано фудбалско игралиште, изградено според ФИФА стандарди.
Денес беше пуштено во употреба реконструираното фудбалско игралиште во Гимназијата „Мирче Ацев“ во Прилеп! На свеченото отворање присуствуваше министерот за спорт, Борко Ристовски, кој истакна дека оваа инвестиција е од огромно значење за младите спортисти и за развојот на спортската култура во градот.
„Ова не е само фудбалско игралиште – ова е место каде што ќе се градат спортски навики, тимски дух и фер-плеј вредности. Верувам дека тука ќе се создадат идните спортски ѕвезди на Македонија,“ изјави Ристовски.
Игралиштето во СОУ Гимназија “Мирче Ацев”, е проект на Министерството за спорт за подобрување и модернизација на спортската инфраструктура низ целата држава.
„Општина Прилеп и понатаму ќе продолжи да инвестира во младите, бидејќи тие инвестиции се инвестиции во иднината! Сигурен сум дека ова игралиште ќе биде од голема корист за сите ученици.“ изјави градоначалникот Борче Јовчески.
Со новото игралиште, гимназијалците од Прилеп добиваат современ простор за тренинг, натпревари и рекреација, што претставува чекор напред во подобрувањето на условите за спорт и здрав живот во младинската заедница.