Градоначалници од Западен Балкан ја основаа алијансата Green Mayors во Драч
Во Драч, Албанија, градоначалниците од 19 општини од целиот Западен Балкан потпишаа заедничка декларација за основање на Алијансата на „зелени“ градоначалници (Green Mayors) – регионална платформа која има за цел да ја забрза зелената транзиција преку општинско лидерство и прекугранична соработка.
Свеченото потпишување се одржа во рамките на Форумот на „зелени“ градоначалници, организиран од Фондацијата Отворено Општество – Западен Балкан (OSF–WB). Настанот собра повеќе од 100 учесници – општински лидери, претставници на образовни институции, граѓански организации и експерти за енергетика, кои дискутираа за праведна и фер енергетска транзиција во регионот.
На панел дискусијата посветена на искуствата на градоначалниците од регионот учествуваше и градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, кој ја презентираше иницијативата „Сончеви училишта“ како успешен пример за локално воведување на обновливи извори на енергија.
„Овој проект и слични иницијативи покажуваат како промените можат да се случат на ниво на заедницата. Општината истражува неколку зелени решенија, меѓу кои воведување електричен јавен превоз и енергетска санација на стари згради. Нашата цел е граѓаните да бидат подготвени за иднината на праведен и одржлив начин,“ изјави Коњановски.
Според изнесените податоци на конференцијата, Општина Битола се вбројува меѓу активните градови на Западен Балкан кога станува збор за енергетска ефикасност и воведување зелени решенија, што ја позиционира високо на регионалната мапа на одржливи општини.



