|

Градоначалничка трка – Во цела Пелагонија пет жени – три прилепчанки

Иако со закон во Македонија е загарантирана родова застапеност од 40% на изборните листи, реалноста со локалните избори за градоначалници го покажува спротивното. Според податоците на Државната изборна комисија, само 10,4% од кандидатите за градоначалници се жени, што е дури за 30% помалку од предвидениот минимум.



Во Пелагонискиот регион, кој брои околу 210–220 илјади жители и девет општини, само пет жени се вклучени во градоначалничката трка.

  • Прилеп: Три жени кандидати – Павличне Матевска (група избирачи), Петра Лукаревска (коалиција предводена од СДСМ) и Јасминка Стојковска (партија Демократи Скопје). Тоа е 33% застапеност.
  • Битола: Од осум кандидати, две се жени – Габриела Илиевска (независна, поддржана од група избирачи) и Мирјана Мирчевска (независна, поддржана од група избирачи и Македонска ера трета). Тоа претставува 25% застапеност.
  • Останатите општини во регионот – Демир Хисар, Долнени, Могила, Новаци, Кривогаштани, Крушево и Ресен – немаат ниту една жена кандидатка.

Интересен податок е што три од петте жени во регионот се независни кандидатки, додека само две доаѓаат од партиски структури.

Првиот закон за квоти беше донесен во 2002 година, со минимум од 30% застапеност на жените во политиката. Во 2015 тој се зголеми на 40%, а во 2020 година беше воведен терминот „родова балансираност“. Но на терен, бројките ја побиваат законската рамка.

Зошто жените се отсутни? Според анализите дел од организации со следните одговори: УНДП – недоволна финансиска поддршка и женска референтност. ОБСЕ – социокултурни бариери и стереотипи. Балкан Инсајт – затворени шаблони во партиските структури. Публикација „Жени политички лидери“ – најголеми пречки се тројството – пари, насилство и културни норми.

Во ерата на дигитална комуникација, сè поактуелно станува и сајбер насилството – закани, навреди и понижувања кои ја обесхрабруваат жената да се впушти во политика.

Дали петте жени од Пелагонија, кои трчаат во градоначалничката трка, ќе бидат гледани како хероини што се спротивставуваат на системот и предрасудите? Или пак јавноста ќе им додели сосема поинаква улога? Одговорот ќе го дадат граѓаните на изборите.

Слични Објави