Живото наследство на Македонија -Ансамблот „Танец“ со концерт во Прилеп
На 9 октомври 2025 година, во големата сала на Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп, ќе се одржи концертот „Ритамот на душата, бојата на традицијата“, во чест на 76-годишното творештво на Ансамблот „Танец“, амбасадорот на македонската култура и народна традиција.
Влезниците за концертот се во продажба на билетарницата од Центарот секој работен ден од 10 до 13.00 ч. и во сабота од 11 до 14.00 часот.
Веќе цели седум и пол децении, Ансамблот „Танец“ пулсира во ритам со македонскиот фолклор . Тој е амблем на нашата традиција, чувар на културната меморија, жив симбол на народната душа, нашиот амбасадор без зборови, кој со танц, песна и носија ја раскажува македонската приказна пред очите на светот.
Во своите чекори, „Танец“ го носи ехото на вековите. Неговите уникатни носии не се само облека – тие се живи документи, везени со историја, емоција и идентитет. Секој конец е сведоштво, секој дезен – порака. Наследство кое, како што се везе шема на платно, така се везе и во колективната потсвест на секој Македонец.
Основан во мај 1949 година со указ од тогашната влада, ансамблот беше создаден од потребата – длабока, исконска потреба – да се зачува она што сме.. Со децении „Танец“ расте, се развива, гради репертоар што станува златна антологија на македонското народно творештво: од длабокото и моќно „Тешкото“, до разиграното „Чифте Чамче“, од комитското јунаштво до нежноста на „Невестинското“.
„Танец“ не е само национална гордост – тој е мост меѓу генерации, меѓу татковината и македонската емиграција ширум светот. Преку својата културна мисија, ансамблот го чува пламенот на традицијата, дури и таму каде што таа е далечен спомен. И затоа, во оваа свечена година, со полни срца велиме: „Танец“ – 76години македонски код.



