Прв консултативен настан за измени на Законот за Локална самоуправа -Зголемена транспарентност и учество на граѓаните
Денес, во Битола, се одржа првиот консултативен настан за измени на Законот за локална самоуправа, организиран од страна на Министерството за локална самоуправа, а поддржана од проектот „Зајакнување на општинските совети“ финансиран од Владата на Швајцарија и Министерството за локална самоуправа, кофинансиран и имплементиран од Програмата за развој на Обединетите нации – УНДП, во соработка со други национални институции и ЕЛС.
На настанот учествуваа градоначалници од Пелагонискиот регион, претставници на граѓанскиот сектор, како и експертскиот тим кој активно работи на процесот за измените на законот. Меѓу нив беа проф. д-р Александар Спасеновски, проф. д-р Гордан Георгиев и проф. д-р Мемет Мемети.
Клучните аспекти на предложените измени вклучуваат зголемена транспарентност и отчетност на локалните власти, унапредување на учеството на граѓаните, воведување комунални редарски служби, како и развој на недоволно развиени подрачја. Целта е да се овозможи подобро и поефикасно управување на локално ниво, со што ќе се влијае позитивно на секој аспект од животот на граѓаните.
„Верувам дека, преку оваа отворена и транспарентна дискусија, ќе креираме подобрен Закон кој ќе ја подобри функционалноста на локалните власти, ќе ги направи поблиски и попристапни за граѓаните. Го презедовме првиот чекор за прилагодување на Законот за локална самоуправа на потребите на граѓаните и општините. Како што најавивме, до изменет, подобрен и модернизиран Закон, ќе дојдеме преку широки, отворени и јавни дебати.“, изјави министерот за ЛС Златко Перински