Формиран е новиот состав на Локалниот младински совет, со мандат за периодот 2025 – 2027
ФОРМИРАН НОВИОТ СОСТАВ НА ЛОКАЛНИОТ МЛАДИНСКИ СОВЕТ, ЗА ПРЕТСЕДАТЕЛКА ИЗБРАНА ВИКТОРИЈА БРДАРОВСКА
Во Општина Битола, формиран е новиот состав на Локалниот младински совет, со мандат за периодот 2025 – 2027. Постапката започна со формирање на иницијативниот одбор по објавен јавен повик на кој се пријавија 5 лица и истите беа дел од иницијативниот одбор кој го објави јавниот повик за Локално собрание за млади.
На јавниот повик за ЛСМ пријавени беа 18 лица, односно 9 делегати и 9 нивни заменици, кои го објавија огласот за членови на Локалниот младински совет, на кој од 15 пријавени лица, согласно бројот на советници во советот на Општина Битола, по презентација на предлог програмите, со тајно гласање беа избрани 9 членови.
Денес, членовите на Локалниот младински совет, за претседателка ја избраа Викторија Брдаровска.
„Како претседателка на Локалниот младински совет се надевам на конструктивна соработка со сите млади од општината. ЛМС е спремен да го примени Законот за младинско учество и младински политики онака како што треба. Советот е слика за младите и ние ќе се погрижиме да го дадеме својот максимум“, изјави претседателката на Локалниот младински совет, Викторија Брдаровска.
Градоначалникот Коњановски, ги поздрави присустните нагласувајќи дека, иднината е во младите луѓе кои треба во следниот период се повеќе да бидат иницијатори и креатори на локалните делувања:
„Уште со формирањето на Локалниот младински совет за периодот 2022 -2024, започнавме со процес на интензивно вклучување на младите луѓе во работата на општината и слушање и спроведување на Вашите предлози, за поубава Битола. Очекувам и од овој состав уште поголема вклученост, иницијативност и нови идеи, со кои сите заедно ќе имплементираме решенија, проекти и содржини, кои за Вас ќе бидат вистински поттик да останете во Битола, да работите и создавате за нашата општина“, рече градоначалникот Коњановски во своето обраќање пред членовите на Локалниот младински совет.
Членовите на Локалниот младински совет, ги поддржа и Претседателката на Советот, Габриела Илиевска, испраќајќи им порака за нивната активност и ангажираност за следниот период:
„Можеби во овој момент, некои луѓе околу Вас, можеби мислат дека ова не е нешто значајно, но сакам да Ви кажам дека, можеби ова Ви е првото нешто, каде што може да оставите белег. Потрудете се да оставите нешто, за што ќе Ве паметат, после година, две, три, пет и ќе речат дека, Вие сте тие, со име и презиме, коишто иницирале и направиле нешто“, рече Претседателката на Советот, Габриела Иливеска, во своето обраќање до присутните членови на Локалниот младински совет.
Успешна работа на членовите на ЛМС, им посака и досегашната претседателка Ивана Атанасовска, која го водеше првото официјално тело на општината, формирано по закон, притоа посочувајќи ја својата досегашна ангажираност, но и потребата од измени во законската регулатива во делот на младинската вклученост. За таа цел, Атанасовска им порача на членовите, да земат активно учество во работните групи и успешно да ги реализираат плановите и идеите кои ги имаат.