ЗЛАТО И СРЕБРО ЗА ПРИЛЕПСКИ КИК-БОКСЕРИ НА СВЕТСКИОТ КУП ВО БУДИМПЕШТА

Шампион и вицешампион за Македонија, со прилепски потпис!

Одличен настап на македонската кик-бокс репрезентација на 31st Hungarian Kickboxing World Cup 2026 во Будимпешта, Унгарија, каде меѓу репрезентативците настапија и четворица членови на прилепскиот КБК „Ронин“ – Емил Степанулески, Радослав Велески, Леонид Талески и Андреј Смилевски.

Прилепските борци настапија во дисциплините К1 и Low Kick, а најголемиот успех го оствари Андреј Смилевски, кој го освои златниот медал и шампионската титула во К1.

Смилевски со само еден настап на Светски куп се искачи на четвртото место на светската ранг-листа во својата категорија.

Со сребро се закити Радослав Велески, кој стигна до финалето, каде што загуби од еден од најголемите фаворити на турнирот.

За Велески следува нов голем предизвик – во ноември ќе биде дел од сениорската репрезентација на Македонија на Европското првенство во Скопје.

Иако без медал, свои настапи имаа и Емил Степанулески и Леонид Талески, за кои од клубот велат дека стекнатото искуство од вакви меѓународни натпревари е значаен дел од нивниот развој.

За Андреј Смилевски, пак, следува уште поголем предизвик. За само две недели го очекува Светското јуниорско првенство во Лидо ди Јесоло, Италија.

Од КБК „Ронин“ нагласуваат дека зад резултатите стои тимска работа, а за реализацијата на настапот во Будимпешта упатуваат благодарност до Филип Велески, Благојче и Филип Тазио за финансиската поддршка.

По Будимпешта нема многу време за одмор. Прилепските кик-боксери продолжуваат со тренинзи и нови предизвици, а во октомври ги очекува и последното коло од боксерското првенство во Прилеп, каде атакуваат на шампионската титула.

Слични Објави