ДВОЈНО ОДЛИЧЈЕ ЗА КБК „РОНИН“ ОД ПРИЛЕП НА СВЕТСКИОТ КУП ВО ИТАЛИЈА

Кик-бокс клубот „Ронин“ од Прилеп забележа значаен меѓународен успех на WAKO – Italian Kickboxing World Cup, кој се одржа од 10 до 15 март 2026 година во Лидо ди Јесоло, Италија.

Станува збор за еден од најмасовните турнири во овој спорт, со рекордни 4.030 натпреварувачи од 47 држави и пет континенти.

Прилепскиот клуб настапи со двајца натпреварувачи и освои два медали:

  • Радослав Велески (сениори +91 кг) – бронзен медал
  • Андреј Смилевски (постар јуниор -63.5 кг) – сребрен медал

Овој резултат претставува голем успех ако се земе предвид силната светска конкуренција и масовноста на турнирот. Од клубот посочуваат дека борците настапиле максимално подготвени и со голема борбеност, покажувајќи карактер и истрајност до самиот крај.

Од „Ронин“ упатија благодарност до сите кои помогнале во нивниот настап – финансиски, логистички и морално, истакнувајќи дека поддршката е клучна за вакви резултати на меѓународна сцена.

„Ова е само почеток – допрва ќе се слуша за нас“, порачаа од клубот.

Слични Објави