Дали Прилеп конечно ќе добие спортски објекти какви што заслужува? – Министерот најави обнова
„Универзалната сала“, спортската сала „Македонија“, Спортскиот комплекс „Маркови Кули“, динамиката на реконструкција, концесионери, инвеститори, дали прилепчани наскоро ќе имаат спортски објекти како што треба да има еден поголем град, теми на денешната изјава на министерот за спорт, Борко Ристовски при посетата во Прилеп.
Универзалната сала во Прилеп наскоро ќе добие нов долгорочен концесионер, со што ќе започне нејзината темелна реконструкција и повторно ќе блесне во својот препознатлив сјај. Преговорите со компанијата „Комфи Ангел“ веќе се во тек, а инвестицијата за реконструкција ќе изнесува околу половина милион евра.
„За да прескокнеме одредени административни чекори, побарав Спортската сала, која моментално е под ПУИГ, да биде префрлена кај мене, за потоа повторно да ја дадам на користење на заинтересираната компанија – „Комфи Ангел“. Направивме решение со кое се забрзуваат процедурите. Директорот на ПУИГ доби насоки од Министерството и Владата, а досега се одржани два состаноци на кои веќе се договараат деталите за реконструкција и користење“, изјави министерот Ристовски.
Паралелно со овој проект, Министерството за спорт работи и на обновување на спортската сала „Македонија“, која со години е напуштена и во лоша состојба. Според Ристовски, во моментот кога ќе биде обезбеден потребниот буџет, што се очекува до крајот на годината, договорот ќе биде раскинат, салата реконструирана и повторно вратена на користење на општина Прилеп.
Покрај овие две сали, во фокусот е и Спортскиот комплекс „Маркови Кули“, кој остана без концесионер откако му истече договорот на досегашниот. Министерството за спорт сега го презема под свое управување и работи на пронаоѓање на инвеститор кој ќе го развие и раководи комплексот преку јавно-приватно партнерство.
„Идејата е да најдеме инвеститор кој е заинтересиран и по принципот на јавно-приватно партнерство да го дадеме на користење. На крајот на денот, бенефит ќе имаат сите граѓани на Прилеп. Секогаш она што ќе го ветам, ќе биде исполнето“, додаде Ристовски.
Останува Прилепчани да почекаат, да се надеваат и веруваат дека кажаното ќе биде навреме реализирано.
Денеска министерот присуствуваше и на свеченото отворање на реконструираното спортско игралиште во прилепската Гимназија „Мирче Ацев“, проект финансиран од Министерството за спорт со три милиони денари.