| |

Доделени наградите на 25 издание на Интернационалниот фестивал на монодрама во Битола

Синоќа во Народниот театар, беа доделени наградите на 25 издание на Интернационалниот фестивал на монодрама во Битола.

Наградата од публиката, која традиционално ја доделува општина Битола, оваа година му беше доделена на претставата „Сите најубави работи“, со актерот Игор Ангелов, во режија на Дејан Пројковски. Градоначалникот на општина Битола Тони Коњановски му ја додели наградата од публиката на актерот Ангелов, чија претстава од публиката беше испратена со големи овации, исто како и доделувањето на наградата.

Во своето обраќање, градоначалникот упати благодарност до организаторите на фестивалот, Центарот за култура, директорката Маја Андоновска Илијевски и до сите годинешни учесници.

„Благодарам Маја што во изминатите 7 дена ни го донесе светот по 25 пат, со еден од најтешките драмски видови, како што го нарекувате вие актерите – монодрамата. Повторно имаме чест да уживаме во Битола, благодарам до сите нови стекнати пријатели од ОАЕ и од останатите земки кои учествуваат оваа година. Имав чест да бидат мои гости во општина Битола. Се радуваме сите и посакувам уште многу вакви фестивали и убави работи да ја красат Битола“, рече Коњановски.

Специјалното признание за уникатно театарско искуство отиде во рацете на актерот Абдула Маасуд и неговиот тим од Обединетите Арапски Емирати.

Претставата „Букача“ на театарската дружина „Ема“ од Загреб, Хрватска, ја доби наградата за најдобра режија, а за најдобар актер беше прогласена Јулија Кудрјашова од Казахстан, со претставата „Кој го знае едниот“.

Гран при наградата отиде во Ереван, Ерменија, кај актерот Арам Хованисјан, за претставата „Дон Кихот“. Овој актер пред 20 години, исто така беше добитник на Гран при наградата за претставата „Ричард Трети“ на Интернационалниот фестивал на монодрама.

На крајот од церемонијата, претставниците од Обединетите Арапски Емирати, му подарија слика на градоначалникот, со значаен историски објект од нивната држава.

Во чест на наградените, Драмскиот театар од Скпоје ја изведе претставата „Чудна случка со кучето во ноќта“.

Слични Објави