НЕБЕЗБЕДНА ВОДА ВО ОРЕОВЕЦ И ЛЕНИШТЕ

Општина Прилеп ги предупреди жителите на селата Ореовец и Леништа привремено да не ја користат водата од јавните чешми за пиење, поради утврдено бактериолошко загадување.

Според резултатите од лабораториските анализи, во примерокот од јавната чешма во центарот на село Ореовец е утврдено присуство на бактерии. Надлежните препорачуваат водата да се користи за пиење исклучиво по претходно вриење во траење од најмалку 10 минути.

Во село Леништа состојбата е посериозна. Анализите покажале присуство на цревни бактерии и зголемен вкупен број бактериски колонии, поради што водата од јавните чешми не се препорачува за пиење до добивање на нови, исправни резултати.

Од Општина Прилеп информираат дека ќе бидат преземени сите неопходни мерки за дезинфекција на водоснабдителните системи, по што ќе следат повторни анализи за да се потврди исправноста на водата.

Надлежните апелираат граѓаните доследно да ги почитуваат препораките сè додека не биде објавено дека водата е повторно безбедна за употреба.

Слични Објави