Денеска се празнува Свети Спиридон Чудотворец
Денеска православните христијани го слават Св. Спиридон Чудотворец, светецот кој им помагал на сиромашните.
Свети Спиридон живеел во четвртиот век на островот Кипар. Родителите му биле прости луѓе и тој од младоста чувал овци. Кога му дошло времето, се оженил, но наскоро останал вдовец, па целиот свој имот почнал да го користи за да им помага на бедните. Подоцна бил избран за епископ во кипарскиот град Тримитунт. Господ го прославил овој чудесен човек со даровите на чудотворство и прозорливост. Откако добро и послужил на Црквата, се упокоил во 350 година. Неговите мошти се пренесени во седмиот век во Цариград, а во времето на турското освојување биле пренесени на грчкиот остров Крф.
Верниците го слават Свети Спиридон и како куќна слава. Како што е фиксен празник, неговиот ден секогаш потпаѓа во пост, така што празничната трпеза денеска треба да биде посна.
Исто така, болните веруваат дека може да се излечат доколку денот го поминат во манастир.
Постои легенда според која свети Спиридон одвреме-навреме се спушта на земјата преправен во просјак или сиромав за да провери како живеат луѓето и дали сè уште знаат да покажат љубов и грижа за ближните.
Затоа се верува дека не е добро да одбиете некој што бара помош од вас на денешниот празник, па ако сретнете просјак на улица, мора да му помогнете или да му дадете милостина, бидејќи така го почитувате Свети Спиридон.
Според народното верување кое сè уште опстојува во некои краишта кај нас, свети Спиридон прв направил земјен лонец, потоа вреќа и на крајот кошула. Затоа се смета за заштитник на грнчарите, ткајачите, мутавџиите и ковачите.