Денеска се празнува летна Света Петка, заштитничка од несреќи и од многу болести
Денеска 8 август, се празнува летна Света Петка Параскева. Таа се смета за заштитничка од разни несреќи, но и од многу болести, поради што народот ја нарекува уште и мајка Параскева.
Многу лековити извори се поврзани со нејзиното име и се наречени Петочни води. Старите верувале дека овој ден треба да се одвои само за вистинска молитва и дека сè што правите на овој голем ден треба да биде „врзано со небото“. Жените треба да се посветат на молитва и правење добри дела, за здравје и среќа на своите семејства и деца.
Во многу цркви се празнува овај голем празник, па и во Храм Света Петка Прилеп. „Ве покануваме заедно да го почувствуваме духот на вековното православно чествување и да го прославиме празникот посветен на нашата закрилничка и молитвена застапничка пред Христа, св. преп. мчца. Параскева (Петка) Римјанка, а во сеќавање на нејзиниот живот кој претставува поука и пример за исполнување на Евангелието“. Стои во поканата од страна на оваа црква.
Црквата „Света Петка“ во населбата Точила е посветена на трагичниот настан на Карпалак, кога на 8 август 2001 во заседа беа убиени 10 бранители од Прилеп. По седум години од настанот, на 8 август 2008 година е осветен камен-темелникот за изградбата на црквата.