ЕУ воведува нов дигитален систем за гранична контрола – Поголема безбедност или дигитална изолација?
Советот на Европската Унија и Европскиот парламент на 19 мај постигнаа привремен договор за постепено воведување на Системот за влез и излез (EES) – нов, дигитален механизам што треба целосно да го трансформира начинот на кој се контролираат надворешните граници на Шенген-зоната. Системот ќе започне да се применува од октомври 2025 година, а до крајот на 2026 ќе биде проследен и со ETIAS – Европскиот систем за информации и овластување за патување.
EES ќе го замени досегашниот систем на рачно печатирање пасоши со дигитална евиденција, која ќе содржи биометриски податоци како отпечатоци од прсти, фотографии и информации од патните документи. Овој систем ќе се однесува на сите државјани на трети земји, вклучително и граѓаните на Северна Македонија, кои патуваат во една од 29-те европски земји за краткорочен престој.
Според договорот, системот ќе биде фазно воведен: во првиот месец ќе се користи на најмалку 10% од граничните премини, а во првите 60 дена ќе функционира без биометриски функции. До третиот месец, најмалку половина од граничните премини ќе мора да користат и биометриски проверки.
Во исклучителни околности, како зголемен сообраќај или долги редици, земјите-членки ќе имаат можност делумно или целосно да го суспендираат користењето на системот на одредени гранични точки.
По EES, од крајот на 2026 година ќе стартува и системот ETIAS, кој ќе наложи на патниците од земји со безвизен режим да поднесат предвремено барање за електронско овластување за патување во ЕУ, кое ќе чини 7 евра и ќе важи три години. Иако апликацијата ќе биде едноставна и достапна онлајн, системот предизвика критики поради потенцијалните ризици од автоматско одбивање базирано на алгоритми и непрецизни податоци.
Додека ЕУ ги претставува овие системи како чекор кон поголема безбедност и ефикасност, дел од јавноста и експертите предупредуваат дека може да се создаде дигитален ѕид околу Европа. Постои загриженост дека новите механизми би можеле да се користат за селекција или отфрлање на патници не само поради безбедносни причини, туку и поради културни или економски основи. На социјалните мрежи и во некои медиуми веќе се појавуваат обвинувања за ксенофобија, дискриминација и страв од странци – нешта кои, според критичарите, се легитимираат преку технократски алатки за селекција на „пожелни“ и „непожелни“ посетители.
Од основањето на Европската економска заедница во 1950-тите, слободата на движење беше еден од темелите на европската интеграција. Но, со новите дигитални механизми и зголемената контрола, многумина сметаат дека се оддалечуваме од визијата на Робер Шуман за Европа без бариери.
Примерите од Германија и други земји, кои во последните години повторно воведоа гранични контроли дури и со соседни земји, ја засилуваат перцепцијата дека Европа се затвора, особено за оние кои не се нејзини граѓани.
Новите системи EES и ETIAS се дел од пошироката стратегија на ЕУ за модернизација и зајакнување на безбедноста на надворешните граници. Но, клучниот предизвик ќе биде балансирање меѓу безбедноста и човековите права. Европската Унија ќе мора внимателно да ги следи ефектите од овие мерки за да избегне непотребна дискриминација, бирократија и нарушување на основната вредност – слободата на движење.