Денес се празнува Преподобната маченичка Параскева
Православните христијани денес го слават празникот посветен на Преподобната маченичка Параскева, во народот позната како Летна Света Петка.
Култот кон Света Петка – Римјанка е широко распространет во народната традиција, каде таа се почитува како заштитничка од несреќи и болести. Во православниот календар постојат три светици со истото име: Света Петка – Римјанка, Света Петка од Иконија и Света Петка Епиватска (Трновска). Најпозната меѓу нив е Света Петка Епиватска, чиј празник – Петковден, се одбележува во октомври.
Света Петка – Римјанка е родена во Рим од христијански родители и уште од детството била воспитувана во верата во Христа. По смртта на своите родители, го раздава имотот на сиромашните и се замонашува. Со силна посветеност ја проповедала христијанската вера, и покрај тоа што во тоа време била забранета и прогона од римските власти. Според преданието, била обвинета за своите проповеди и го завршила животот како маченичка.
Култот кон света Петка кај нашиот народ е многу раширен. Таа се смета за заштитничка од разни несреќи, но и од многу болести, поради што народот ја нарекува уште и мајка Параскева. Многу лековити извори се поврзани со нејзиното име и се наречени Петочни води. Петковден како домашен празник со служби посветени на св. Петка, со чекање гости и со други обичаи и свечености го празнуваат голем број македонски семејства.
Празникот Летна Света Петка се одбележува и во прилепската населба Точила во Храм Света Петка Прилеп, каде што е изградена црква посветена на оваа светителка. По тој повод, верниците се поканети заеднички да го прослават празникот со молитвена радост.
Молитвеното чествување започнува во четврток, 7 август 2025 година, со празнична вечерна богослужба во 17:30 часот. Чествувањето продолжува во петок, 8 август 2025 година, со Архиерејска Божествена Литургија, со која ќе чиноначалствува Митрополитот Преспанско-пелагониски и администратор Австралиско-новозеландски, г. Петар. По завршувањето на литургијата ќе се отслужи панихида во спомен на бранителите што ги положија своите животи кај Карпалак.



