Крушево со светско признание – нашиот највисок град меѓу Топ 100 зелени дестинации во светот
Крушево се најде во престижната листа „Топ 100 зелени дестинации во светот“ за 2025 година, објавена во Монпелје, Франција.
Ова големо признание претставува потврда дека највисокиот град на Балканот чекори по вистинскиот пат – развој на одржлив туризам кој ја чува природата, ја почитува историјата и носи нова енергија за иднината. Со овој успех, Крушево станува пример како мал град може да ја комбинира културната традиција со модерни одржливи практики и да биде инспирација за целиот свет.
Секоја година организацијата Green Destinations ја објавува листата на 100 најдобри „приказни“ за одржлив туризам во светот.
- Признанието се доделува врз основа на конкретни примери за добри практики (Good Practice Stories) – проекти или иницијативи кои се иновативни, ефикасни и имаат реален импакт.
- Дестинациите поминуваат низ строга иницијална проверка на одржливост (sustainability check), при што мора да исполнат најмалку 60% од критериумите за заштита на природа, културно наследство, управување со ресурси и вклучување на локалната заедница.
- Наградата е еден од најпрестижните меѓународни индикатори за квалитет во областа на одржливиот туризам.
Крушево, како и останатите дестинации, беше оценувано според повеќе области:
- Заштита на природата и пејсажот – зачувување на паркови, заштитени подрачја и ендемски видови.
- Еколошки менаџмент – системи за намалување и селекција на отпад, управување со отпадни води и чиста инфраструктура.
- Енергија и климатски промени – користење на обновливи извори и намалување на емисиите.
- Културно и нематеријално наследство – зачувување на традициите, промоција на локални производи и занаети.
- Вклученост на заедницата – активно учество на граѓаните и локалните бизниси во туристичкиот развој.
Од Општина Крушево велат дека оваа награда е заеднички успех:
„Ова признание не е само за општината – тоа е за сите граѓани, ентузијасти и партнери кои веруваат, вложуваат и го промовираат Крушево како уникатна дестинација.“
Посебна благодарност е упатена до Швајцарските програми ИМЕ и СИППО, кои со години ја поддржуваат Општина Крушево во развојот на туризмот и во имплементацијата на одржливи практики.
Со ова признание, Крушево станува пример не само за Македонија, туку и за светот – дека малите градови со голема историја и љубов кон природата можат да бидат двигатели на одржливиот туризам.



