|

„Ден на добри дела“ по втор пат во Македонија- Волонтерски акција во седум градови

Во текот на април 2025 година, во седум градови низ Македонија се реализираше втората национална волонтерска акција по повод „Денот на добри дела“ – меѓународна иницијатива за промовирање на волонтерството и хуманоста. Координатор на активностите е Младинскиот културен центар – Битола (МКЦ-Битола) една од водечките волонтерски организации во нашата земја, заедно со партнерски организации организираше 14 волонтерски акции со учество на повеќе од 300 волонтери.

Целта на глобалната иницијатива, која започна во 2007 година, е да ги мотивира луѓето ширум светот да направат добро дело за својата заедница. Во 2025 година, настанот обедини волонтери од над 115 земји, меѓу кои и Македонија. На национално ниво, активностите беа насочени кон поддршка на ранливи и маргинализирани групи – вклучувајќи ученици, жени жртви на семејно насилство, стари лица, лица со посебни потреби и граѓани во социјален ризик.

Според организаторите, повеќе од 1.000 граѓани беа директно опфатени со акциите, додека преку медиумски и онлајн кампањи, настанот допре до десетици илјади граѓани низ државата.

Акциите беа спроведени во Битола, Скопје, Прилеп, Кавадарци, Свети Николе, Гостивар и други градови, со поддршка од партнерските организации: АДИ – Гостивар, Паблик Лице в Лице – Скопје, Организација на жени – Свети Николе, СППМД – Кавадарци, Станица ПЕТ – Прилеп и Ротари клуб Битола – Широк Сокак.

„Денот на добри дела“ има за цел да ја поттикне солидарноста, волонтирањето и помагање на ранливите и маргинализираните групи во општеството преку директно вклучување на волонтерите во правењето добро во нивните локални заедници. МКЦ-Битола најавува продолжување на вакви активности и во иднина, со надеж дека бројот на волонтери и градови ќе се зголеми.

Повеќе информации за глобалната иницијатива може да се најдат на: www.good-deeds-day.org

Слични Објави