(видео) „Delirium Tremens“ од Прилеп со награда за најдобро користена музика на Нишвил џез театарскиот фестивал
Претставата „Delirium Tremens“, копродукција на Театарска работилница Прилеп, Северна Македонија, освои едно од највисоките признанија на IX Меѓународен џез театарски фестивал во Нишвил – награда за најдобро користена музика.
Стручното жири, составено од актерката и режисерка Танис Ковалчук (САД) и театарските критичарки Наташа Гвозденовиќ и Ана Тасиќ (Србија), оцени дека музиката во оваа претстава е иновативно и органски интегрирана во целокупната изведба. Тричлениот бенд е неразделно поврзан со различните нивоа на реалност и свест на протагонистот, создавајќи уникатна сценска енергија и динамика.
„Музичката изведба придонесе клучно за темпото и ритамот на претставата, толку што впечатокот за соло изведба беше целосно надминат,“ стои во образложението на жирито.
Со ова признание, „Delirium Tremens“ уште еднаш го потврди местото на прилепската сцена на меѓународната театарска мапа, докажувајќи дека спојот на музика и драма може да создаде моќно и незаборавно театарско доживување.
„Delirium tremens“ – Благоја Ристески – Платнар, Игра: Игор Трпчески придружен од бендот составен од: Димитар Ѓорѓиевски – гитара, Методија Костоски – хармоника и клавијатури, Филип Јездиќ – тапани и Борче Миленкоски – Саксафон


