18 февруари – денот кога се роди Прилепскиот Театар
На денешен ден во 1950 година, со премиерата „Кир Јања“ од Јован Стерија Поповиќ, во режија на Аце Михајлоски, започна професионалниот театарски живот во Прилеп со НТ „Војдан Чернодрински“, на почеток како „Градски народен“ театар. Роден во скромни услови, во адаптираната зграда на Киното на Пане Напе, од љубов и слободарски дух, театарот ги продолжи традициите на предвоените аматерски трупи и со децении беше културното срце на Прилеп.
Првите актери – Рампо Ачески, Борка Димкароска, Благоја Кепески, Борка Солеска, Блага Аламлиоска, Блага Батаклиева, Рада Смилеска, Маре Русеска, Владо Спиркоски, Аце Михајлоски, Нада Гешоска, Цане Настоски и Димче Шилоски – ја создадоа сцената од ништо, водени само од љубов кон уметноста. По нив дојдоа нови генерации што ја градеа традицијата.
Зад театарот стојат 370 премиери, над 8.000 претстави и повеќе од 2 милиони гледачи.
Но денес, вистината е болна:
Пред 20 години театарот беше избришан од регистарот на институции, а минатата година зградата беше прогласена за опасна и затворена. Денес, прилепските актери се сведени на едно „собче“ во НУЦК„Марко Цепенков“, каде се обидуваат од пепелта да створат искра.
Затоа на овој 18. Февруари, нема причина за театарско славје во Прилеп, но затоа треба да биде искористен за силно да се викне
НА ПРИЛЕП МУ ТРЕБА НОВА ТЕАТАРСКА ЗГРАДА!



