АХВ со засилени контроли пред празниците – Уништи 200 кг небезбедна храна

Во пресрет на новогодишните и божиќните празници, кога побарувачката за храна е значително зголемена, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) спроведе засилени инспекциски контроли во угостителските објекти. Во изминатите две недели, реализирани се 244 инспекциски контроли, со акцент на објектите каде што се организираат предновогодишни прослави.

Контролите откриле дека, 43 оператори не ги задоволуваат хигиенските стандарди и немаат имплементирано процедури за добра хигиенска и добра производствена пракса. 4 оператори не спровеле задолжителни здравствени прегледи на своите вработени. 5 угостителски објекти не биле регистрирани како оператори со храна во АХВ, што претставува законска обврска. Во текот на инспекциите, уништени се над 200 килограми небезбедна храна, а издадени се 55 решенија за отстранување на утврдените прекршоци и изречени се 23 парични казни.

АХВ ги повикува угостителите и операторите со храна да ги почитуваат законските обврски, особено во овој период на зголемена потрошувачка, за да се заштити здравјето на граѓаните.

Слични Објави