Барселона гостува во Битола кај Еурофарм Пелистер
Вечерва со почеток во 20:45 часот, во рамки на ракометната Лига на шампиони, Битола ќе биде центарот на европскиот ракомет – Барселона за првпат гостува во спортската сала „Боро Чурлевски“. Атмосферата се очекува да биде електрична, со распродадена сала и силна поддршка од домашната публика. За сите кои нема да можат да присуствуваат, натпреварот ќе се пренесува во живо на МРТ 3.
Македонскиот ракометен шампион Еурофарм Пелистер е пред најголемиот предизвик во досегашниот дел од новата сезона во Лигата на шампионите.
Тренерот на Е. Пелистер, Рубен Гарабаја, истакна дека дуелот со Барселона претставува голем предизвик:
„Барселона е една од најдобрите екипи во светот. Мора да бидеме фокусирани на сите детали, бидејќи секое губење на концентрацијата тие го казнуваат со неколку брзи голови. Имаат одлична одбрана и најдобар голман во светот.“
Играчот Видомски очекува мотивирана игра и поддршка од навивачите:
„Барса игра многу добро, но ние знаеме како треба да играме и ќе го дадеме нашето најдобро издание. Сакам да ги повикам фановите – нивната поддршка е клучна.“
Во салата „Боро Чурлевски“ се очекува и спектакуларна атмосфера од навивачката група „Чкембари“, кои викендов го прославија својот јубилеј на натпреварот ФК Пелистер – Динамо Букурешт.
Ова е четвртиот шпански клуб што гостува во Битола. Историјата на европските дуели на Пелистер со шпански тимови започна уште во 1986 година против Атлетико Мадрид, продолжи во 2005 со Портланд Сан Антонио, а потоа и во 2019 година со Бидасоа Ирун. На домашен терен, Пелистер има позитивен биланс од две победи и еден пораз.
Вечерашниот натпревар не е само борба за бодови – тоа е празник на ракометот, момент кога Битола повторно ќе дише во зелено-бело и ќе го покаже својот прочуен спортски дух пред европската сцена.
Фото – Еурофарм Пелистер



