45 години постоење прославува УКЛО – 45 години значат над 40.000 УКЛО индекси
Денес во Офицерскиот дом во Битола, Универзитетот ,,Св. Климент Охридски“ – Битола – УКЛО прославува 45 години постоење.
„Привилегија е, нескромно кажано, да се прославуваат 45 години постоење. И тоа не на било кој, туку на Универзитет чии корени се многу подлабоки, стари еден век. На Универзитетот ,,Св. Климент Охридски“ – Битола. На УКЛО. Пригодата налага една прошетка низ времето за работи за кои сме слушнале, прочитале, за спомени од стари, одамна пожолтени фотографии. Да оживеат сеќавања за едно минато време кое не поврзува во денешниот миг. На УКЛО ни ги отворија вратите за од нас да направат професионалци и експерти во своите области. Благодарни сме им на нашите професори и ментори, кои стануваат наши пријатели“, истакна Ева Нешкоска, студентка на Педагошки факултет.
45 години значат над 40.000 УКЛО индекси кои носат спомени од деновите минати во предавалните, амфитеатрите, лабораториите, натпреварите, од патувањата, од студентските забави, излети, навивањата на спортските терени.
Ректорот на УКЛО, проф. д-р Игор Неделковски, во своето обраќање истакна „Годинава Денот на основањетона УКЛО го посветуваме на оние за кои што Универзитетот постои – студентите. Во рамки на прославата по повод 45 години од основањето на УКЛО, се навраќаме кон уште еден историски момент поврзан со студентите, во чија чест се одвива денешното одбележување. На овој простор пред 90 години формирано е првото Здружение на битолските студенти. Студентите некогаш и денес – тоа е лајт-мотивот на денешниот настан првенствено посветен на студентите, особено на оние кои тој епитет го носат денес“.
Александар Цветкоски, кустос во Музеј за тутун, говореше за изложба каширани фотографии – „Земјата и тутунот – студентски кредит“
„Пред присутните ја претставам изложбата на каширани фотографии, со наслов Земјата и тутунот – студентски кредит, која има задача потенцира еден скоро заборавен феномен на тутунот, а тоа е: можноста да ги планирате парите, затоа што се земаат „топтан“, наеднаш и акумулацијата или „вишок парите“, кои овозможуваат инвестиција. Во нашиот случај, инвестицијата е школувањето.
Овде можеме да говориме и за големото значење на тутунската индустрија, но воедно и на тутунската наука, која, еве, веќе цели 100 години се случува тука во Пелагонија, како научна, практична, развојна и едукативна поддршка на „стариот бизнис“ – Тутунот. Овие фотографии се направени во 1973 година од надарениот фотограф Бранко Јелиќ, по повод 100 годишнината од градбата на камениот магацин за тутун во Прилеп („Монополот“) и 400 години одкако е тутунот за прв пат засаден во Прилеп.“
На крај модераторите од УКЛО, „Посебна благодарност што сте заедно со нас во миговите кога ги славиме нашите 45 години. Благодарност до сите учесници на денешниот настан: Институтот за тутун – Прилеп,Europe House, Офицерскиот дом – Битола, Државниот архив на РСМ, одделение во Битола, проректорот Стерјовски, Заводот и музеј – Прилеп, Државното музичко училиште и сите останати пријатели со кои УКЛО бил и ќе биде уште повеќе препознатлив и свој.
Ве поканувам заедно да ги разгледаме експонатите и да оживее пред нас почетокот на нова успешна УКЛО приказна.“