„ЗОДИЈАК“ СО ПРЕМИЕРА НА ДЕТСКАТА ПРЕТСТАВА „СНЕЖНОТО КРАЛСТВО“
Танцовото студио и порталот за современи изведувачки уметности „Зодијак“ од Прилеп премиерно ќе ја изведат новата претстава за деца и млади „Снежното кралство“.
Претставата, инспирирана од познатата приказна на Дизни, носи низа авантури, емоции, музика и танц, со песни на македонски јазик, разиграни кореографии, колоритни костими и сценографија.
Преку приказната за сестрите Ана и Елза, публиката ќе ги следи пораките за љубовта, храброста, сочувството и емпатијата, но и за одговорноста кон сопствените постапки и нивното влијание врз другите.
Преводот, драматизацијата и адаптацијата на македонски јазик се на Благојче Николоски, режијата, песните и сценските движења се на Кире Миладиноски, а музиката е на Кристоф Бек и Томе Темелкоски. Костимографијата е на Анѓа Миладиноска, сценографијата и куклите на Јордан Миладиноски, рекламниот материјал и видеото на Петар Јошески, а за светлото е задолжен Бобан Смилкоски.
Во реализацијата учествува бројна екипа актери, танчери и соработници, меѓу кои Наташа Седлоска, Бисера Гаралоска, Марија Илијеска, Вања Младеноски, Андреј Димитриовски, Калина Гаралоска, Марта Шаркоска, Томе Темелкоски, Благојче Николоски и Кире Миладиноски.
Продукцијата е поддржана од Министерството за култура и туризам, во рамките на Националната програма за 2026 година – драмска дејност, како и од Општина Прилеп. Копродуцентски партнер е НУЦК „Марко Цепенков“, каде што Танцовото студио „Зодијак“ работи веќе 27 години.
Со „Снежното кралство“, „Зодијак“ подготвува нова сценска приказна наменета за најмладата публика, но и за сите оние кои веруваат дека љубовта, храброста и семејната поврзаност можат да ги надминат и најголемите препреки.
Влезници сабота и недела пред Градскиот саат од 11.00 до 15.00 часот и
два часа пред почетокот на претставата.


