„Обучени за подобра услуга“ – Прилеп гради администрација во служба на граѓаните
Во Прилеп денеска се одржа генеричката обука „Обучени за подобра услуга“, организирана од Министерството за јавна администрација, чија цел е унапредување на професионалните знаења и вештини на административните службеници и подобрување на квалитетот на услугите што ги добиваат граѓаните.
На настанот присуствуваше и министерот за јавна администрација, Горан Минчев, кој ја истакна важноста на континуираната едукација и професионалниот развој на административниот кадар.
Во рамки на обуката беа опфатени теми поврзани со менторството, комуникациските вештини, еднаквоста и недискриминацијата, како значајни сегменти за градење професионална, ефикасна и одговорна јавна администрација.
Од Општина Прилеп посочуваат дека постојаното усовршување на административните службеници е важен предуслов за унапредување на општинските услуги и за поефикасно одговарање на потребите на граѓаните.
„Нашата обврска е јасна – Општина Прилеп да биде вистински сервис на граѓаните, со професионален однос, квалитетни услуги и поголема ефикасност во работењето“, се наведува во пораката на Општината.
Со ваквите обуки се очекува да се придонесе кон зајакнување на капацитетите на административните службеници, подобрување на комуникацијата со граѓаните и создавање администрација која работи транспарентно, одговорно и во интерес на јавноста.


