Во Прилеп одбележан Светскиот ден на менталното здравје – Поддршката и заедништвото се клучни за благосостојбата
Преку разговор, дружење и споделување искуства, корисниците на Дневниот центар за активно стареење во Прилеп го одбележаа 10 Октомври – Светскиот ден на менталното здравје, испраќајќи порака за важноста на грижата за емоционалната благосостојба во секоја животна доба.
Во Дневниот центар за активно стареење во Прилеп беше одбележан Светскиот ден на менталното здравје, со акцент на значењето на меѓусебната поддршка, разбирањето и грижата за психолошкото и емоционалното здравје.
Преку отворен разговор, дружење и споделување мисли, присутните потсетија дека менталното здравје е важен дел од севкупното здравје и дека грижата за него треба да биде присутна во сите фази од животот, вклучително и во третата доба.
Во фокусот на одбележувањето беше пораката дека малите, секојдневни гестови можат да направат голема разлика – да се слушаме внимателно, да покажуваме емпатија, да ги прифаќаме чувствата на другите и да си бидеме поддршка во моментите на радост, но и во периодите на животни предизвици.
„Менталното здравје не значи да бидеме среќни секој ден, туку да имаме сила да ги прифатиме своите чувства, храброст да побараме поддршка и луѓе со кои можеме да ги споделиме и радостите и предизвиците“, е пораката што беше истакната по повод одбележувањето.
Психолозите од Здружение Центар за развој и едукација- Прилеп потсетуваат дека грижата за себе не е себичност, туку неопходна потреба, а разговорот, блискоста и чувството дека не сме сами се важни чекори кон подобра ментална благосостојба. потсетуваат дека грижата за себе не е себичност, туку неопходна потреба, а разговорот, блискоста и чувството дека не сме сами се важни чекори кон подобра ментална благосостојба.
Одбележувањето во Дневниот центар за активно стареење во Прилеп уште еднаш ја нагласи важноста на создавањето средина во која секој човек ќе се чувствува прифатен, разбран и поддржан, со можност да најде радост во малите нешта и да го зачува чувството на припадност и поврзаност со заедницата.
Пораката по повод Светскиот ден на менталното здравје е јасна: не мора секогаш да бидеме силни и насмеани, но важно е да знаеме дека можеме да побараме помош и дека никој не треба да се соочува со животните предизвици сам.


