|

(видео) „Животинска фарма“ – животните не градат ветерница, туку театар

„Животинска фарма“ од Џорџ Орвел е новата премиера на Театар „Војдан Чернодрински“ – Прилеп, во режија на Ќендрим Ријани. Драматизацијата е на Лидија Митоска-Ѓорѓиевска и Ќендрим Ријани, а во претставата настапува речиси целиот прилепски ансамбл.

Режисерот Ќендрим Ријани вели дека токму специфичната состојба во која се наоѓа прилепскиот театар била еден од клучните мотиви при создавањето на концептот.

Наместо животните да се обидуваат да изградат ветерница, како во оригиналната приказна, во прилепската „Животинска фарма“ тие се обидуваат да изградат – театар.

„Во времето во кое живееме, но и порано, докажано е дека за хранење на нашата душа и нашиот ум можеби театарот е поважен од ветерницата“, вели Ријани.

Претставата, според актерите, зборува за моќта, стравот, молкот и прифаќањето на ненормалното како нормално. „Животинска фарма“ е напишана пред повеќе од осум децении, но, како што велат, нејзините теми денес се можеби уште поактуелни.

„Зборува за моќта, стравот, молкот и колку ние се прилагодуваме и премолчуваме и го прифаќаме ненормалното. Нè носи до тоа дали треба да застанеме и да се бориме или не“, велат од актерскиот ансамбл.

За актерот Зоран Иваноски, кој го толкува Наполеон, оваа претстава е и можност публиката да се препознае во системот што го прикажува Орвел.

Од Театар „Војдан Чернодрински“ потсетуваат дека, и покрај тешките услови и фактот што Прилеп во моментов нема функционална театарска зграда, оваа година ансамблот стигна до четири премиери.

„Ние немаме театарска зграда, точно е, но имаме ансамбл, имаме тим кој верува и тим кој работи. Затоа имаме и добри претстави“, беше порачано на прес-конференцијата.

„Животинска фарма“ е четврта премиера на прилепскиот театар годинава, а екипата верува дека претставата ќе отвори прашања кај публиката и ќе ја натера да се преиспита за сопствената улога во општеството.

„Кога има режисер и актер кој знае што сака и публика која го очекува, без разлика на сите околности во кои се наоѓаме, театарот ќе живее“, порачаа актерите.

Покрај актуелноста на претставата, на прес-конференцијата повторно беше отворено и прашањето за изградбата, односно реконструкцијата на театарската зграда. Од ансамблот беше посочено дека проектот во моментов е во застој.

„Само во Прилепскиот театар можеше да се направи ваков концепт“, вели Ријани, додавајќи дека се надева оти наскоро ќе може да се каже и: „Само во Прилепскиот театар можеше да се игра толку добро“.

Во претставата играат Зоран Иваноски, Димитар Ѓорѓиевски, Игор Трпчески, Илија Волчески, Даниела Иваноска, Наташа Ачански, Марија Спиркоска-Илијеска, Јасмина Мицовска-Станкоска, Михајло Миленкоски, Александар Тодески и Томе Темелкоски.

Сценографијата е на Валентин Светозарев, костимографијата на Марија Пупучевска, а музиката на Томе Темелкоски.

Премиерата на „Животинска фарма“ е нов обид на прилепскиот ансамбл преку театарот да зборува за општеството во кое живееме – овојпат, без да гради ветерница, туку обидувајќи се повторно да изгради театар.

Слични Објави