Од македонските ниви до светскиот пазар – Завршува бербата, започнува битката за добар откуп
Привршува бербата на тутунот. За илјадници тутунарски семејства завршува уште една тешка производствена сезона, а вниманието сега се насочува кон откупот – колку ќе биде родот, каков ќе биде квалитетот и по која цена ќе се откупува.
Минатата реколта во Македонија беа откупени 26 милиони и 236 илјади килограми тутун, по просечна цена од 417,92 денари за килограм, со вкупна вредност од речиси 11 милијарди денари.
Годинава, сушата, високите температури и градот на повеќе места оставија последици врз родот, па производителите очекуваат намалени количини.
Но македонскиот тутун одамна ги надминува границите на земјава. Македонија е препознатлива како производител на ориентален ароматичен тутун, а најзастапени се типовите Прилеп, Јака и Басма. Податоците на Светската асоцијација на тутунопроизводители покажуваат дека во 2019 година земјава произвела околу 26 илјади тони тутун.
Местото на Македонија во меѓународната тутунска индустрија дополнително го потврдуваат и двете значајни членства.
Од септември 2025 година, македонските производители преку Сојузот „Мака на тутуноберачите“ се полноправна членка на UNITAB – Европската асоцијација на производители на тутун.
А годинава следуваше и чекорот кон светската организација. Во септември 2026 година, на годишното собрание на ITGA – Светската асоцијација на тутунопроизводители, одржано во Дортмунд, македонската организација беше примена како постојана членка. ITGA ги обединува организациите на тутунопроизводители од повеќе од 20 земји во светот.
Тоа ја става Македонија на меѓународната карта на земји со организирани тутунопроизводители и отвора простор македонските производители да учествуваат во разговорите за светските пазари, цените и условите во производството.
Сега, сепак, за тутунарите најважен е домашниот терен. По завршувањето на бербата и верификацијата на мострите, следува откупот – периодот во кој ќе се види конечниот ефект од годинашната реколта.
За многу семејства, тутунот останува една од главните земјоделски култури и значаен извор на приход, а за Македонија – производ по кој земјава е препознатлива и надвор од своите граници.


