|

Преку 390 жртви на насилство во првиот квартал од 2025, најмногу жени и деца – „Има помош за живот без насилство“ (ВИДЕО)

Како дел од националната кампања за борба против родово базираното насилство врз жените, Министерството за социјална политика, демографија и млади организираше настан во рамки на комуникациската стратегија „Има живот без насилство“. Целта на активноста е подигнување на јавната свест, охрабрување на жртвите да побараат помош и јакнење на институционалната поддршка во справувањето со насилството.

Во периодот од јануари до март годинава, во Северна Македонија се евидентирани вкупно 391 жртва на семејно и родово базирано насилство, покажуваат официјалните податоци на Министерството за социјална политика, демографија и млади.

Од вкупниот број, 284 жртви се жени, 54 деца, а 53 мажи. Во најголем дел, насилството било извршено од мажи – 266, додека 20 сторители се жени. Според видот на насилство, најзастапено е психолошкото насилство со 345 случаи, следено од физичко насилство со 221 случај, додека се регистрирани и 9 случаи на економско и 2 случаи на сексуално насилство.

Како одговор на ваквите загрижувачки бројки, Британската амбасада во Скопје, во соработка со Министерството за социјална политика и канцеларијата на УНФПА, ја започнаа кампањата „Има помош за живот без насилство“, со цел поддршка на жртвите и јакнење на институционалниот одговор.

Настанот, како и целата кампања се реализира во соработка со Канцеларијата на УНФПА во Северна Македонија  и финансиска поддршка од Британската Амбасада во нашата држава. 

По тој повод воведно обраќање имаше министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани,  заменик амбасадорот на Обединетото Кралство во Северна Македонија,  Даниел Филер и шефицата на Канцеларијата на Фондот за население на Обединетите нации во Северна Македонија, Афродита Шаља.

„Денес не сме тука само за да зборуваме. Денес сме тука да кажеме – доста е! Доста е молкот да биде одговор. Доста е насилството да биде „приватна работа“. Доста е секоја петта жена да живее во страв – дома, на работа, на улица. Насилството врз жените не е нешто непознато. Не е статистика. Тоа е секојдневна реалност која разорува животи – во тишина, зад затворени врати, во домовите каде љубовта треба да биде заштита, а не закана,“ посочи министерот Лимани.

Тој во своето обраќање се осврна на многуте лица на насилството- емоционално, економско, психолошко, сексуално. Како и последиците кои насилството ги остава зад себе.

Министерот го заврши своето обраќање со апел до пошироката јавност.

„Да не молчиме! Да пријавуваме! Да им веруваме на жртвите! Да реагираме како општество што штити, не што осудува! Ако и еден живот спасиме, вреди. Ако и една жена добие втора шанса, сме успеале. Но мора да работиме не за еден – туку за сите. Да изградиме општество во кое жените ќе бидат безбедни – во својот дом, на улица, на работното место, на интернет, секаде. Да ги учиме нашите деца – дека љубов не значи контрола. Дека насилството никогаш не е оправдано. Дека тишината не е заштита – таа е дозвола за насилникот. Почнуваме денес. Почнуваме тука. Со глас што нема да замолчи, со храброст што нема да отстапи. За секоја жена. За секое девојче. За секое утре без страв. Не молчи!  Не толерирај!  Дејствувај! Има помош! Има надеж! Има живот без насилство!“ нагласи Лимани.

Слични Објави