Македонија е полна со природни убавини, треба да ги покажеме на светот – Вајц

Македонија има голем потенцијал за развој на природниот туризам, но потребна е поголема промоција на природното богатство на земјата,

порача европратеникот и постојан известувач на Европскиот парламент за Северна Македонија, Томас Вајц, на Втората работна сесија на Мешовитиот парламентарен комитет ЕУ – Северна Македонија, посветена на животната средина.

Вајц истакна дека климатските промени веќе имаат сериозни последици врз општествата, земјоделството и инфраструктурата, посочувајќи дека Европа годинава се соочила со топлотни бранови, суши и шумски пожари.

„Треба да се бориме за секоја десетинка степен незатоплување и да се приспособиме на новата реалност“, рече Вајц, нагласувајќи дека климатските промени веќе бараат конкретни мерки за адаптација на градовите, земјоделството, сообраќајот и инфраструктурата.

Тој посочи дека последиците од високите температури се чувствуваат и во земјите кои досега не биле навикнати на вакви услови. Како пример ја наведе Австрија, каде што високите температури влијаеле и врз железничкиот сообраќај.

Во делот на животната средина, Вајц се осврна и на управувањето со отпадните води, депониите, загадувањето на воздухот и рударството. Според него, економскиот развој и заштитата на природата треба да се разгледуваат заедно.

Особено внимание посвети на туристичкиот потенцијал на Северна Македонија.

„Северна Македонија е една од најубавите земји што сум ги посетил. Сум бил на Пелистер, Галичица, Маврово и Шара. Имате три национални паркови. Колку луѓе знаат за тоа? Рекламирајте се, покажете му на светот какви убавини имате“, порача Вајц.

Тој го посочи развојот на природниот туризам во Албанија и Црна Гора како пример од регионот, оценувајќи дека Северна Македонија ги има потребните природни предуслови за развој на оваа гранка, што може да донесе економска корист и за локалното население.

На сесијата пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Драгана Арсова, се осврна на напредокот во усогласувањето на македонското законодавство со европските стандарди во областа на животната средина.

Таа посочи дека е постигнат напредок во климатското управување, мониторингот и заштитата на природата, како и во зајакнувањето на институционалните капацитети.

Како значаен чекор го наведе воспоставувањето посебен сектор за климатска акција, како и новиот Закон за инспекцискиот надзор, кој стапи во сила во јануари 2026 година.

Според Арсова, во текот на 2025 година биле спроведени 1.772 инспекциски надзори, при што биле утврдени 530 неправилности.

Во однос на квалитетот на воздухот, таа посочи дека во јули 2026 година националната мониторинг-мрежа била проширена со нова автоматска мерна станица во Штип, со што бројот на станици достигнал 23.

Арсова информираше и дека се подготвени ажурирани инвентари и проекции на емисиите за 2025 и 2030 година, кои се доставени до Европската агенција за животна средина и до Економската комисија на ОН за Европа.

Во областа на управувањето со отпадот, таа посочи дека продолжува воспоставувањето на европскиот модел преку системи за проширена одговорност на производителите, селектирање и рециклирање, како и инвестиции во регионалната инфраструктура.

Според Арсова, со финансиска поддршка од ЕУ и меѓународните партнери се реализираат активности за сортирање, рециклирање и компостирање, како и за затворање на несоодветните депонии и дивите ѓубришта.

Како значаен чекор таа ја посочи и подготовката на новиот закон за природа, со кој се предвидува целосно усогласување со европските директиви за птиците и живеалиштата.

Арсова информираше дека се создаваат и предуслови за идната мрежа „Натура 2000“. Досега се идентификувани 24 потенцијални подрачја, кои опфаќаат околу 12 отсто од територијата на државата.

Таа оцени дека заштитата на природата претставува не само исполнување на европските обврски, туку и инвестиција во природното богатство и одржливиот развој на земјата.

Во делот на климатската политика, Арсова посочи дека Владата го усвои предлог-законот за климатска акција и го достави на мислење до Венецијанската комисија. Со законот се предвидува воспоставување систем за следење, известување и верификација на емисиите, дозволи за емисии и јаглеродно ценообразување, со стратешка цел за постигнување климатска неутралност.

Слични Објави