Со 2,5 минимални плати не се преживува – синдикалната кошничка над 62.000 денари!
Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) денеска ја објави вредноста на синдикалната минимална кошничка за месец април 2025 година, која изнесува 62.691 денари, што претставува зголемување од 836 денари во однос на мартовската кошничка (61.855 денари). Податоците јасно укажуваат дека дури и 2,5 минимални плати не се доволни за да се покријат основните трошоци на едно четиричлено семејство, што ја прави оправдана и итна потребата за зголемување на платите.
ССМ истакнува дека е неопходно минималната плата да се зголеми на најмалку 500 евра, а сите останати плати да се зголемат за најмалку 100 евра. Како што порачуваат од Синдикатот, ваквото зголемување не е само социјално оправдано, туку и нужно за одржување на достоинствен живот за македонските работници. „Цените постојано растат, трошоците за основни прехранбени и комунални производи се во постојан пораст, а платите не го следат тој тренд. Владините мерки за ограничување на маржите за најмалку 10% дадоа само половичен ефект, поради што е потребен системски и долгорочен пристап,“ се наведува во соопштението на ССМ.
Дополнително, синдикатите и дел од коморите остро реагираат поради доцнењето на владината потрошувачка кошничка, која беше најавена како просечна, но наместо за четиричлено, ќе се однесува на тричлено семејство – што, според нив, не ја отсликува реалната состојба на македонските домаќинства. Податоците се особено загрижувачки ако се земе предвид дека просечната цена за изнајмување стан од 60 квадратни метри во март изнесувала 78.066 денари – износ што самостојно ја надминува вредноста на целата синдикална кошничка. ССМ апелира до институциите и работодавачите да покажат одговорност и да преземат конкретни чекори за подобрување на стандардот на граѓаните, предупредувајќи дека социјалната неизвесност може да доведе до уште поголема економска нестабилност и иселување на работоспособното население.