„Со љубов за Прилеп“ – целовечерен концерт на КУД „Пере Тошев“

Прилеп, 25 септември 2026 – Љубовта кон Прилеп, македонската песна, поезијата и традицијата ќе бидат во фокусот на целовечерниот концерт „Со љубов за Прилеп“, што ќе се одржи утре, 26 септември (сабота), со почеток во 19 часот, во големата сала на НУЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп.

Организатор и домаќин на концертот е КУД „Пере Тошев“ – Прилеп, кое пред прилепската публика ќе се претстави со дел од својот богат репертоар. Како гости ќе настапат Џез хорот „Артизан“ од Скопје и КУД „Моминок“, со што концертната вечер ќе понуди разновидна музичко-сценска програма.

Во рамките на настанот ќе биде реализирано и „Поетско катче“, во кое ќе биде претставен дел од поетското творештво на Марија Мантова и Тони Павлески, дополнувајќи ја музичката програма со поетски израз и творештво.

Концертот „Со љубов за Прилеп“ е поддржан од Министерството за култура и туризам.

Четири децении посветеност на песната и традицијата

КУД „Пере Тошев“ е формирано на 5 мај 1987 година, првично со две секции – пејачки состав на просветните работници од Општина Прилеп и рецитаторска група.

Со текот на годините, пејачката група се проширувала со нови членови, љубители на хорското пеење, прераснувајќи во хор, а потоа и во културно-уметничко друштво со богата и разновидна музичка програма.

Друштвото особено го негува македонското музичко наследство, со репертоар во кој се застапени хармонизирани македонски староградски и народни песни, ренесансни композиции, како и хорски дела од различни музички автори.

Во речиси четири децении постоење, КУД „Пере Тошев“ реализирало бројни концерти и настапи и учествувало на значајни музички манифестации во земјава и во странство. Друштвото има придонесено и во одбележувањето на бројни настани и значајни датуми поврзани со поблиското и подалечното историско минато на Општина Прилеп.

За својата долгогодишна работа и придонес во културниот живот, КУД „Пере Тошев“ има добиено повеќе награди и признанија. Меѓу нив е и Третоноемвриската награда на Општина Прилеп, која друштвото ја доби во 2013 година.

Со концертот „Со љубов за Прилеп“, КУД „Пере Тошев“ продолжува да ја потврдува својата посветеност кон хорската музика, македонската традиција и културниот живот на градот, приредувајќи уште една вечер посветена на песната, поезијата и љубовта кон Прилеп.

Слични Објави