Градот во мене“ – новата ликовна приказна на Александар Џинго пред прилепската публика

Во Ликовната галерија при НУЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп, утре, 25 септември, со почеток во 19 часот, ќе биде отворена изложбата „Градот во мене“ од академскиот уметник Александар Џинго.

Изложбата е дел од годишната програма на Центарот во областа на визуелните уметности, поддржана од Министерството за култура и туризам.

„Градот во мене“ го претставува најновиот циклус дела на Џинго, во кој авторот го истражува односот меѓу реалното и внатрешното, конкретното и апстрактното, како и човечката фигура како простор за изразување на емоцијата и личното доживување.

Според ликовниот критичар Бранче Трајкоски, циклусот е изграден врз спојот на академскиот реализам и современата апстракција, создавајќи фузија меѓу класичната уметност и експресионистичкиот израз. Класичната композиција кај Џинго се разложува и повторно се гради преку апстрахирани форми, експресивни потези и распрснати структури, отворајќи простор за носталгија, но и за надеж и создавање нова убавина.

Посебно место во циклусот има човечката фигура. Деконструираните ликови и пресеците на фигурата врз органски апстрахираните позадини се користат како начин за истражување и разоткривање на човечката душа.

Делата се реализирани во повеќе техники, меѓу кои јаглен, маслени бои, мрсен пастел и акрил. Токму комбинирањето на цртачката техника, контролираната линија и слободниот сликарски потег придонесува за препознатливиот визуелен јазик на авторот.

Колоритот во делата варира од монохроматски до полихроматски решенија, со воздушести, прозрачни и транспарентни вредности, светлосни контрасти и постепени премини. Во таквата визуелна поставеност се појавува и асоцијација на трансцедентна архитектура, како уште еден слој во авторската интерпретација на просторот и човекот.

„Градот во мене“ ја отвора и темата за градот не само како физички простор, туку и како внатрешно, емотивно и мемориско место. Делата го поврзуваат надворешниот свет со личното искуство, овозможувајќи му на гледачот во ликовниот израз да препознае сопствени чувства и асоцијации.

Александар Џинго е роден во Прилеп во 1976 година. Уметничкото образование го започнува во 1991 година во УПУ „Лазар Личеноски“, а во 2003 година дипломира на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, каде што се стекнува со звањето магистер по ликовна графика.

Неговиот творечки опус опфаќа повеќе области – графика, сликарство, моден дизајн и костимографија. Зад себе има бројни самостојни и групни изложби, учества на графички биеналиња, ликовни колонии и модни ревии. Неговиот авторски израз е присутен и во театарската и филмската костимографија, дизајнот на корици на книги, илустрацијата, изработката на мурали и други уметнички проекти.

Денес Џинго живее и твори во Прилеп и работи како професор во средното образование.

Изложбата „Градот во мене“ во НУЦК „Марко Цепенков“ ќе им овозможи на прилепчани и љубителите на уметноста да се запознаат со најновиот творечки циклус на авторот и со неговото лично видување на градот, човекот и внатрешниот свет.

Слични Објави