|

Иницијатива за итна медицинска помош во Кривогаштани: Општината бара пункт, екипа и интервентно возило

КРИВОГАШТАНИ – Општина Кривогаштани достави официјална иницијатива до Министерството за здравство за унапредување на мрежата на итна медицинска помош преку воспоставување подрачна служба, пункт или друг соодветен организациски модел за брзо медицинско реагирање на територијата на општината.

Поради поволната географска положба, службата би опслужувала и повеќе населени места од општините Крушево и Долнени, до кои од Кривогаштани би можело побрзо да се интервенира.

Во документот, Општината се повикува на Законот за здравствената заштита и посочува дека мрежата и функционирањето на службите за итна медицинска помош се во надлежност на Министерството за здравство.

Како една од причините за иницијативата се наведува географската и демографската оддалеченост на одредени населени места од постојните центри за итна медицинска помош, поради што, според Општината, се продолжува времето потребно за пристигнување на медицинските екипи.

„Општина Кривогаштани претставува подрачје кое географски и демографски е релативно оддалечено од постојните центри на итна медицинска помош“, се наведува во иницијативата.

Дополнително, Општината укажува дека во летните месеци и во периоди со зголемена работна активност, како и поради зголемениот сообраќај и движењето на луѓе, постои дополнителна потреба од брзо медицинско реагирање.

Со иницијативата до Министерството за здравство се предлага разгледување на можноста за:

  • воспоставување подрачна служба, пункт или друг соодветен организациски модел за итна медицинска помош во Кривогаштани;
  • утврдување организациски модел за брза теренска интервенција во рамки на општината;
  • координација со надлежните јавни здравствени установи за оперативна реализација;
  • обезбедување медицински тим и интервентно возило;
  • обезбедување на потребните медицински и комуникациски ресурси;
  • постепена интеграција на подрачната единица во постојната мрежа на итна медицинска помош.

Општината во документот изразува подготвеност да обезбеди соодветен простор за работа на подрачната служба, логистичка поддршка и соработка со здравствените институции во насока на реализација на иницијативата.

Градоначалникот на Општина Кривогаштани, Игор Каравилоски, истакнува дека воспоставувањето ваков модел би имало директно значење за достапноста и брзината на здравствената заштита.

„Навремената медицинска интервенција е клучен фактор за зачувување на човечкиот живот, сметајќи дека воспоставувањето подрачна служба или соодветен организациски модел за итна медицинска помош во Општина Кривогаштани претставува мерка од висок јавен интерес.“

Од Општина Кривогаштани посочуваат дека со воспоставување на соодветна служба би се подобриле пристапноста, ефикасноста и еднаквоста во здравствената заштита за жителите на општината.

Иницијативата сега е доставена до Министерството за здравство, од кое се очекува да ја разгледа можноста за воспоставување соодветен модел на итна медицинска помош во Кривогаштани.

Слични Објави