Сојуз за училишен спорт Прилеп: „Не го разбираме незадоволството на родителите“

Од Сојузот за училишен спорт – Прилеп реагираат на информациите и незадоволството на дел од родителите на младите фудбалерки од ООУ „Гоце Делчев“, кои утре заминуваат на Завршните игри на Спортските игри „Плазма“ во Сплит, Хрватска.

Од Сојузот велат дека не го разбираат незадоволството на родителите, бидејќи патувањето на екипата „Тигрици“ во Сплит е целосно покриено од Федерацијата за училишен спорт Македонија.

Воедно, од Сојузот посочуваат дека Општина Прилеп годинава обезбедила 300.000 денари за одржување на Спортските игри во Прилеп, со што, како што велат, локалната самоуправа веќе дава значајна поддршка на училишниот спорт.

Од Сојузот додаваат дека по враќањето од Сплит, како и за претставниците на Прилеп кои учествуваат во останатите спортови, ќе биде организиран прием во Општина Прилеп, каде ќе им биде оддадено признание за постигнатите резултати.

Оттаму нагласуваат дека „Тигрици“ во Сплит заминуваат како претставници на ООУ „Гоце Делчев“, Прилеп и Македонија, со целосно обезбедено патување, а по враќањето ќе бидат дел од приемот организиран за сите прилепски ученици и екипи кои се дел од Спортските игри во Сплит.

Сојузот за училишен спорт истакнува дека поддршката за училишниот спорт не треба да се гледа само низ призмата на едно патување, туку низ целокупната организација и вложувањата во спортските активности на учениците.

Во меѓувреме, „Тигрици“ утре заминуваат за Сплит, каде ќе го бранат името на своето училиште, својот град и државата.

На теренот останува да покажат зошто се државни шампионки.

Слични Објави